На градењето патишта во БиХ годишно се крадат повеќе од милијарда конвертибилни марки
21 ноември 2013Откако Агенцијата за истрага и заштита (Сипа), по барање на Обвинителството на БиХ, зема примероци од асфалтот на делницата на сараевската обиколница, јавноста го поставува прашањето - кога на ред ќе дојдат и останатите делници во БиХ. Многу анализи во претходните неколку години покажаа дека се работи за кражба од невидени размери за која, ако се работи како и досега, никој нема да одговара.
Тоа го потврдува и извештајот на поранешниот ревизор на Република Српска, Бошко Чеко, кој уште во 2008 и 2010 година утврди бројни неправилности за време на изградбата на патиштата во тој ентитет. Патиштата, според Чеко, не се граделе како што било предвидено во договорите.
„Ние ангажиравме експерти кои извршија дупчења на 70-ина места и утврдија дека самата градба и подлогата не е соодветна на она што е договорено. На пример, асфалтната површина, која е договорена од пет до седум сантиметри, беше два до три сантиметри. Останатите материјали кои требаше да ја имаат пропишаната дебелина - ја немаа, а квалитетот на материјалите беше многу лош“, објаснува поранешниот ревизор на Република Српска.
Ангажман на „проверени“ компании
Се работи за милиони конвертибилни марки, бидејќи само на еден километар пат, чија дебелина ќе се намали за три милиметри од пропишаната, можат да се земат неколку десетини илјади марки. Синиша Вукелиќ, уредник на порталот „Капитал“ вели дека кражбата на јавните пари на асфалтните патишта во цела БиХ е омилен и најчест вид на кражба на пари. Тие инвестиции се сведуваат на изведување работи меѓу изборните кампањи, а работите се доделуваат на „проверени“ деловни компании.
„Овде не е проблем само дебелината на асфалтот и подлогата. Никој не го проверуваше квалитетот на асфалтот. Пред неколку години Даночната управа на Република Српска затвори неколку асфалтни бази, но се’ запре на тоа. Квалитетот на асфалтот е катастрофален, бидејќи составот на каменот и на кварцот е многу лош“, вели Вукелиќ.
А, во Република Српска, барем според тврдењето на „Патишта на РС“, работите стојат вака: „Изведувачот на работите мора да ангажира надзорен орган, кој редовно поднесува извештај до ’Патишта на РС’, а откако патот ќе биде завршен, комисија излегува на терен за да изврши технички преглед и да констатира дали се’ е направено во согласност со проектната документација, условите во проектот и договорот.“
Лош проект од старт
Експертите велат дека примерокот мора да се земе директно од асфалтот, но и од подготвителниот слој. Она што е многу значајно е дека ширината на отстапувањето може да биде само во подготвителниот слој и тоа за еден процент, додека во асфалтниот дел не смее да се отстапува од дефинираните квалитети и дебелини, вели Љубо Јокиќ, градски советник од Градишка.
„Прво се мери дебелината, а потоа примерокот се раствора и се утврдува колкаво е количеството на битумен. Асфалтот мора да има точен состав. Не може да има толеранции“, додава Јокиќ.
Упатените велат дека „криминалниот октопод“ функционира на начин што уште на стартот мора да се испроектира лош пат, односно лош квалитет на патот, бидејќи изведувачот мора да исплати одредена сума на пари на тој кој му ја обезбедил работата. Таа работа во најголем дел од случаите се склучува со директен договор, а не преку јавен повик, којшто е предвиден во законот.
Рајко Кецман од здружението на граѓани „Тендер“ вели дека во овие работи се перат милиони марки и дека никој не одгововара.
„Мора да се знае дека цените се дигаат и до 60 проценти. Ако тоа се земе предвид, годишно се крадат над милијарда марки“, тврди Кецман.
Рекордер е автопатот до Градишка
Сараевската обиколница, која е предмет на истрага, ја градеше хрватската фирма „Осијек-Котекс“, но договорот вреден 45 милиони марки е раскинат на почетокот од месецов. Според медиумските извештаи, парите од БиХ се извлекувани токму преку оваа фирма. Од друга страна, хрватскиот „Конструктор“ беше вклучен во изградбата на делница од автопатот Бања Лука-Градишка, за чиј дел од Бања Лука до Маховљани ревизорите утврдија дека еден километар чинел 22,5 милиони марки.
Површинскиот слој на асфалтот на првата делница од Бања Лука до Маховљани пропадна само три години по изградбата во 2008 година, но никој од надлежните никогаш не испита дали има елементи за кривична одговорност при овие изведби.
Експертите уверуваат дека состојбата во целата земја горе-долу е исто кога станува збор за јавните пари за време на изградбата на патиштата и дека надлежните институции конечно би требало да почнат да ја работат својата работа.