1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Блискиот Исток и нема крај на спиралата на насилство

Кристијан Вагнер/ А.Трајковска 19 ноември 2014

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече вчерашниот напад врз синагога во Ерусалим масакр. Сторителите, кои убија пет луѓе ги означи како човечки животни. Неговиот одговор гласи: Уривање на куќите на терористите

https://p.dw.com/p/1DpXB
Фотографија: Reuters/Abir Sultan

На премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху му беа важни две работи, кога вчеравечер излезе пред претставниците на медиумите во Ерусалим: да изнесе обвинувања и да покаже одлучност. Конечно тој најави дека ќе се преземат строги мерки.

„Вечерва наредив уривање на куќите во кои живееле терористите. Налозите за уривање на куќите на терористите од поранешни напади ќе бидат спроведени побрзо отколку досега“, најави Нетанјаху - една куќа е веќе урната. „Освен тоа наредив побуните да се следат построго и да се казнуваат. Организации ќе бидат забранети. Покрај ваквите офанзивни мерки ќе преземеме и заштитни мерки“.

Олабавување на законите за оружје

Граничната полиција во анектираниот источен дел од Ерусалим ќе биде засилена со резервисти. На војниците и на силите за безбедност веќе им е дозволено да го носат своето оружје и во слободното време. Кабинетот за безбедност под раководство на Нетанјаху одлучи и да бидат приведувани повеќе Палестинци и во арапските населби пристапните улици да станат непроодни со бетонски бариери.

Израелската влада со ова го зголемува притисокот врз палестинското население во градот, кој од политичарите радо се означува како неподелен и вечен главен град на државата Израел.

Israel zerstört ein palästinensisches Haus in Ostjerusalem Archiv März 2014
Израел веќе уништи една палестинска куќа во Источен ЕрусалимФотографија: picture alliance/landov

Меѓутоа колку градот во реалноста е поделен може да се препознае преку една друга мерка. Жената на еден од атентаторите ќе го изгуби правото на престој во Израел. Мајката на три деца, според министерот за внатрешни работи Гилад Ердан, ќе биде протерана во Западниот брег запоседнат од Израел.

Предупредување од преземање на правдата во сопствени раце

Самиот Нетанјаху ги предупреди еврејските граѓани да не ја преземаат правдата во сопствени раце. Тројца Евреи од Ерусалим вечерта со нож нападнале и повредиле Палестинец. Во други случаи Палестинци напаѓале еврејски минувачи или фрлале со камења по автомобили.

Крвавиот напад врз посетителите на синагогата вчера утрото според Нетанјаху надвор од Израел не бил вистински проценет. „Светот гледа на овој масакр, но не бара од Палестинците да сопрат со потерата против Израел. Тоа е всушност коренот на конфликтот“, смета премиерот. „Барам од сите премиери на цивилизираниот свет, овие убиства на Израел, на Евреите да бидат осудени со длабок презир“.

Имено Евреите и нивната држава систематски биле клеветени, смета Нетанјаху. Оној кој тврдел дека неговата влада сакала да ги промени договорите меѓу евреите и муслиманите од Ридот на храмовите, тој лажел. Како на пример претседателот на Палестинците Махмуд Абас, кој според мислењето на Нетанјаху повикал на омраза и насилство. Неговиот сопствен министер за внатрешни работи неможе да сфати од каде доаѓа тоа, но Нетанјаху постојано го повторува тоа и: „Човечките животни кои го извршија ова варварско дело беа полни со омраза и подбуцнување против еврејскиот народ и неговата држава“.

Со животни Нетанјаху пред неколку месеци ги спореди и убијците на киднапираните израелски младинци. Кратко потоа млади израелски доселеници киднапираа 16 годишник од Источен Ерусалим и го запалија.