Мундијалот во Катар дефинитивно нема да се игра во лето
8 јануари 2014Светската фудбалска асоцијација - ФИФА денеска и официјално соопшти дека Мундијалот во 2022. година што треба да се одржи во Катар нема да се игра во текот на летото.
Ова денеска го потврди генералниот секретар на ФИФА, Жером Валк. „Натпреварите на Светското првенство 2022. нема да се играат во јуни или јули“, изјави Валке за француското радио.
Наместо тоа, најави Валк, турнирот ќе се одигра во периодот од средината на ноември до средината на јануари.
Тој не прецизираше дали тоа ќе се случи во сезоната 2021/2022 или пак сезоната 2022/2023. Конечната одлука за терминот на одржување на СП треба да ја донесе Извршниот комитет на ФИФА.
Околу терминот на одигрување на СП во Катар се водеа многу полемики, но преовлада мислењето летниот период да биде избегнат поради екстремно високите температури што владеат летните месеци во оваа земја.
„Во зимските месеци, времето со температури околу 25 Целзиусови степени во пустинската држава е најподносливо“, истакна Валк. „Тоа е перфектно за играње фудбал“.
На почетокот на октомври ФИФА основа Акциска група која до крајот на 2014. односно почетокот на 2015. година треба да најде најпогоден термин за одржување на Мундијалот во Катар и при својот процес на одлучување треба да ги вклучи мислењата на фудбалерите, клубовите, националните лиги и фудбалски сојузи како и медиумите.
Претседателот на ФИФА, Сеп Блатер „од респект кон олимписката организација“ се изјасни за термин на крајот на 2022. година, кој нема да се совпадне со Зимските Олимписки Игри.