1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моќното лоби на Ердоган во Германија

Н. Штојдел/Б. Георгиевски23 мај 2014

Контроверзната посета на Келн на турскиот премиер ја организира Унијата на европските турски демократи- УЕТД. Таа е само една од бројните лоби групи на Ердоган.

https://p.dw.com/p/1C4Pu
Фотографија: Getty Images

Кога турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ќе настапи на митингот во Ланксес Арената во Келн, во сабота на 24 мај, околу 20 илјади луѓе ќе дојдат да го слушаат, и покрај критиките на негова сметка. Настапот на Ердоган ќе биде пренесуван во живо на турската телевизија.

Последниот пат кога турскиот премиер одржа сличен собир, исто така во Келн во 2008 година, тоа беше благодарение на УЕТД. Организацијата беше формирана во Германија во 2004 година како непартиска интересна група која работи за турската влада и за етничките Турци во Европа.

УЕТД како лоби група на турската влада и на владејачката АКП на Ердоган не работи само во Германија, туку и во Франција, Белгија, Австрија и Холандија. Од групата повеќепати повторуваат дека посетата на Ердоган не е изборна посета, туку симболичен акт со кој се прославува 10-годишнината од нејзиното формирање.

Во тоа е тешко да се поверува со оглед на фактот што претседателските избори во Турција се за неколку месеци. За првпат воопшто, Турците кои живеат надвор од татковината ќе имаат право да го дадат својот глас на изборите на 10 август, вклучително и во Германија, каде живее мнозинството од околу 5 милиони турски иселеници.

Овие потенцијални гласови би можеле да му ја дадат на Ердоган решавачката предност на изборите. Сѐ што му е потребно е да освои пет проценти повеќе гласови од оние кои на локалните избори во земјата во март годинава ги освои неговата АКП. Затоа, кампањата во Германија може да се исплати.

И во УЕТД, чие седиште е во Келн, се свесни за ова. Групата масовно ги рашири своите операции низ цела Германија и отвори филијали во Берлин, Минхен и Штутгарт. Со ваквата мрежа, партијата на Ердоган е подобро организирана во Европа отколку која било друга турска партија.

Erdogan / Berlin / Tempodrom
Реџеп Таип Ердоган на митинг во Берлин, март 2014Фотографија: picture-alliance/AA

Страв од асимилација

Ахмет Сенјурт, германски новинар и писател со турски корени, вели дека УЕТД постојано го зголемува своето членство. Групата полага големо значење на турските вредности и обичаи, кои се многу популарни меѓу Турците, вели тој.

„Меѓу другото, УЕТД активно работи на тоа да спречи посвојување на деца од раслоени турски семејства од страна на Германци“, вели тој. А и германската влада не штеди пари за да им помогне. Според извештаите, само во 2012 и 2013 година на групата и‘ биле донирани 10 милиони евра.

Уште една организација слична на УЕТД беше формирана пред три години: Агенцијата за Турците во странство (ИТБ). Оваа организација се роди како реакција на убиствата кои ги извршија неонацистите од групата НСУ во Германија. Нејзината цел е да ги обедини сите Турци во Европа кои се чувствуваат приврзани на вредностите на Отоманската империја, меѓу нив и Ујгурите и другите турските народи од централна Азија. Според Сенјурт, турската влада се надева дека на овој начин ќе си обезбеди уште поголемо влијание.

Финансиска моќ

Ѓокај Софуоглу, претседател на Турската заедница во Германија, посочува дека најголемиот дел од обидите да се влијае од страна на лоби групите се случуваат во џамиите кои и‘ припаѓаат на Турската исламска унија, која е во блиски врски со владата во Анкара.

Deutschland Türkei Organisation DITIB Fußball in der Moschee
Турска џамија во БаваријаФотографија: picture-alliance/dpa

„Доаѓаат владини министри или пратеници кои држат предавања“, вели тој. Заедничките настани кои ги спонзорираат УЕТД и ИТБ имаат за цел да го прошират нивното влијание, а проширувањето на членството има добра подлога во финансиската моќ на лоби групите.

„Неодамна беше одржана еднонеделна конференција во хотел со 5 ѕвездички во Турција, а учесниците не плаќаа ништо“, вели Софуоглу. Малите групи, како неговата, не можат да си дозволат вакви луксузни трошоци.

Дека ваквиот начин на работа од германска перспектива би можел да се смета за неправилен или дека буди сомнежи, за Ахмет Сенјурт е разбирливо. Но, тој вели дека ваквото лобирање во принцип е легитимно. „Немаат сите Турци во Германија двоен пасош или германско државјанство“. И нормално е една земја да се грижи за своите граѓани. „Тоа го прави и Германија“, вели Сенјурт.