Мотото на Ердоган останува - поделби наместо помирување
1 април 2014„Ханделсблат“ потсетува дека Ердоган изборите ги прогласи за гласање за доверба во него лично и убедливо победи, па забележува:
„Во секоја друга демократска земја, премиерот кој е конфронтиран со толку тешки сомничења за корупција, избирачите би го казниле на изборите, ако самиот не си поднесе оставка. За Ердоган немаше ни опомена“. Весникот има и објаснување за таквиот феномен: „Тие (неговите приврзеници, н.з.) во Ердоган гледаат татко на турското економско чудо. Куповната моќ на просечното турско семејство двојно се зголеми во 11-те години на владата што ја предводи тој. Не станаа богати сите Турци, Ердоган не можеше ни да ги порамни забележителните разлики во благосостојбата во земјата. Но, токму сиромашните со благодарност се сеќаваат на тоа, дека владината партија во изминатата зима во многу села и градови делеше бесплатно јаглен за никој да не се смрзнува“.
„Тагесшпигел“ го оценува исходот на изборите како „несомнено голем успех“ за Ердоган по бруталните постапки против демонстрантите од паркот Гези, сомничењата за корупција и блокадите на Твитер и Јутјуб. Но, весникот исто така смета и дека „нема никаква причина за триумфализам“ во владиниот табор, оти владее со една „длабоко поделена земја“. Премиерот би можел резултатот да го протолкува и како повик да се кандидира за претседател на државата. „Но, Ердоган во последно време не се однесува баш претседателски - поделби наместо помирување гласи неговото неискажано мото. Сега зе бара способност за компромис, транспарентност, дијалог - работи кои воопшто не се соодветни на стилот Ердоган од изминатите месеци“, оценува „Тагесшпигел“.
„Франкфуртер рундшау“ коментира:
„Успехот само ќе му го засили неговото сфаќање на демократијата, според кое веќе само и аплаузот на народните маси го легитимира да постапува како што сака. Но, демократијата не значи само акламација – неа ја добиваат и диктаторите и деспотите. Демократијата значи и залагање за демократските принципи. Ердоган тоа нема никогаш да го разбере.“
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се прашува што може да следува по победата на изборите и заканите што потоа премиерот Ердоган им ги упати на политичките противници:
„При сите поранешни обраќања навечер по изборите од балконот на централата на АКП (партијата на премиерот, н.з.) Ердоган ја играше улогата на добродушен татко на нацијата. Но, во неделата тој демонстрира конфронтација и непријателство. Тоа би можел да биде стартен истрел за бран на апсења на оние, кои во изминатите недели објавуваа снимки од телефонски разговори кои го оптоваруваат Ердоган“.
Слични оцени изнесува и „Фленсбургер тагеблат“:
„Ердоган веќе од поодамна ги третира политичките противници и критичарите како државни непријатели, ги турка во близина на терористи, кои мора да бидат гонети ’се’ до нивните скривалишта. Тој владее со една општествено, економски и политички длабоко поделена земја. И, наместо да се стреми кон итно неопходното порамнување меѓу дивергентните сили, Ердоган форсира расцеп - оти му е од полза. Премиерот ги мобилизира приврзениците со максимата ’Јас сум добриот - сите други се непријатели на Турција‘, и ја разорува надежта дека Турција би можела бргу да се доближи до стандардите на западните демократии“.
„Ханоферше алгемајне цајтунг“ смета дека ЕУ треба да го почитува изјаснувањето на турските избирачи, но мора да реагира на курсот на премиерот Ердоган:
„Како кандидат за пристап, Турција се обврза да ги брани темелните демократски права. Ердоган го прекршува тоа со ставањето на правосудството под контрола, заплашувањето на критичните медиуми и блокирањето на интернет.“
„„Вестфелише нахрихтен“ застапува категоричен став:
„Турција веќе не е кандидат за пристап кон ЕУ и веќе речиси и не ја исполнува функцијата на мост меѓу Европа и Блискиот Исток.“