Москва остро реагира на изјавите на Саливан во Македонија
22 декември 2018Министерството за надворешни работи на Русија вчера вечер по повод изјавата на првиот заменик државен секретар на САД, Џон Саливан, за мешање на Москва во внатрешните прашања на Македонија, возврати со тврдење за мешање на Вашингтон во одлучувањето на Скопје. Саливан на 18 декември во Скопје на конференцијата за новинари рече дека САД „силно го поддржуваат“ договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција за решавање на меѓусебниот спор, со што на Македонија ѝ е „отворен патот да заземе заслужено место во ЕУ и во НАТО, на што Русија отворено се спротиставува“.
Саливан рече и оти „не е тајна“ дека Русија „ќе стори сѐ што може да го поткопа овој процес поради свој интерес“, додека САД „ќе го поддржи разоткривањето на сите активности кои Русија ги презема со цел да ги поткопа легитимните и демократските одлуки на другите држави“.
Министерството за надворешни работи на Русија во вчерашниот одговор, три дена по изјавата на Саливан, укажа дека неговите оценки „не можат да се игнорираат“ поради „новата серија обвинувања за некакво мешање на Москва во внатрешните работи на Република Македонија“.
Повеќе:
-Лавров: САД насила ја туркаат Македонија во НАТО
-Македонија- повод за критики меѓу Москва и Вашингтон
-Москва обвинува за „грубо мешање“ на Западот во Македонија
Руското министерство посебно подвлекува оти Саливан рекол дека „Русија се противи на пристапувањето на македонската држава во НАТО и се обидува да го спречи спроведувањето на Преспанскиот договор 'спротивно на јасната волја на македонските граѓани'“.
Затоа руското министерство „сака овој американски претставник да се врати во реалноста“ и наведува оти, „прво, 'јасната волја на македонските граѓани' се покажала како неуспех на референдумот на 30 септември годинава, чиј резултат беше дека поголемиот дел од населението го отфрлил наметнувањето на САД и нивите сојузници Скопје да влезе во евроатланските структури, во замена за менување на името на државата и напуштање на нејзините национални интереси“.
Второ, порачува Министерството за надворешни работи на Русија „по повод тврдењето за вмешаноста на Русија: добро е познато дека американскиот амбасадор бил во зградата на Собранието на Република Македонија за време на гнасното гласање на 19 октомври годинава, кога неопходниот резлултат е обезбеден со валкани манипулации, подмитување и уценување на пратеници што е се' достапно на широката јавност“.
Покрај тоа, пишува во соопштението од Москва, „не руски, туку посетители од Соединетите држави, ЕУ и земјите од НАТО речиси секојдневно се менуваат на политичката сцена во Скопје само за да го истуркаат пакетот амандмани за измена на Уставот“ на Македонија поради спроведување на договорот со Грција.
„Сето тоа е вообичаено“, пишува во руското соопштение, бидејќи „со недокажана антируска реторика, Вашингтон се обидува да го оправда своето бесрамно мешање во внатрешните работи на Република Македонија, да го легитимира погрешниот Преспански договор (на Македонија со Грција) и уште една земја од балканскиот регион да ја вовлече во НАТО против волјата на нејзините граѓани, како што тоа го стори со Црна Гора во 2017 година“, пишува на крајот на соопштението од Министерството за надворешни работи на Русија.