1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва и Анкара пред историска криза

Хилал Којлу/бг26 ноември 2015

Експертите предупредуваат дека меѓу Москва и Анкара се развива криза од историски пропорции. Излезот е неизвесен, а натамошните односи ќе зависат од добрата волја на двете страни

https://p.dw.com/p/1HCly
Фотографија: picture alliance/ZUMA Press

Тензиите меѓу Анкара и Москва откако Турција урна руски авион во близина на сириската граница се претвори во криза откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја откажа посетата на Турција. Русија испрати порака дека уривањето на авионот ќе има сериозни последици. Експертите кои ги консултираше ДВ се согласуваат дека двете земји се исправени пред историска криза и дека Анкара мора да усвои дипломатско однесување насочено кон решавање на кризата.
Турското тврдењето дека рускиот авион бил десетпати предупреден пред да биде соборен не го намали рускиот гнев. Анкара тврди дека ги штитела своите граници и дека нема да прави отстапки при нарушување на нејзиниот воздушен простор. Покрај тековната сириска криза, што ќе значи уште една голема криза, овојпат меѓу Турција и Русија?
„Постои историска криза во односите меѓу Турција и Русија. Турција мора да размисли како веднаш да ја реши кризата, или нема да има враќање назад“, вели Хасан Али Карасар, експерт за Русија од Универзитетот Атилим. „Доколку Турција не реагира искрено за отворените прашања, Русија сигурно ќе реагира далеку поостро“, смета тој.
Според Серхат Еркмен од Институтот 21 век, Турција реагирала претерано со соборувањето на рускиот авион. „Турција е чувствителна на проблемот со Туркмените. Русија беше свесна за ова. Постојаното руско нарушување на турскиот воздушен простор беше сфатено како намалување на влијанието на Турција. Турција сакаше да ја надмине оваа перцепција но реагираше претерано“, вели Еркмен.

Symbolbild Russland S-400 Raketenabwehr an Grenze zur Türkei
Руски противвоздушни ракети од типот „С-400“Фотографија: picture alliance/dpa/G. Sisoev

Тешки последици за Турција

Економските аналитичари велат дека заострувањето на односите меѓу двете земји може да има тешки последици за турската економија.
„Турција увезува половина од јагленот кој и е потребен, а 31 процент доаѓаат од Русија. Турција увезува 55 проценти од вкупните количества природен гас и 16 проценти од нафтата, од Русија“, вели енергетскиот експерт Нечдет Памир.
„Турција гради нуклеарна централа со Русија. Таа е зависна од Русија за својата енергија и благодарение на својата лоша политика во Сирија сега е доведена во ситуација да не знае како да излезе од кризата. Доколку Русија најавува остри последици за соборувањето на авионот, тогаш тие се можни. Русија може да ја прекине испораката на природен гас кога сака“, вели Памир.

Türkei Gazprom Pipeline
Русија може во секое време да ја прекине испораката на гас кон Турција.Фотографија: picture-alliance/dpa

„Турција зазеде непотребен однос кон сириската криза. Се обиде да го урне режимот и со тоа овозможи раст на кризата во регионот. Сите знаат дека Русија никогаш нема да дозволи да ги загуби своите позиции во Сирија и во источниот Медитеран. Турција не само што заглави во криза, туку сега е единствената земја на која и се заканува војна“, вели поранешниот амбасадор Фарук Логоглу. Тој ја советува владата во Анкара да ги послуша советите од Западот и да стори да не дојде до ескалација на кризата со Русија.