1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мораториумот за атомските централи истекува

15 јуни 2011

Денеска истекува мораториумот за атомските централи во Германија, исклучени пред три месеци, по нуклеарната катастрофа во Јапонија. Eнергетскиte концерни сега би можеле повторно да ги вклучат централите - теоретски!

https://p.dw.com/p/11aYw
Филипсбург, една од исклучените централи
Филипсбург, една од исклучените централиФотографија: dapd

Тоа беше одлука што еднакво ги изненади и енергетските концерни и опозицијата. Само три дена по атомската несреќа во Фукушима, германската канцеларка Ангела Меркел застана пред микрофоните и рече дека се става „надвор од сила одлуката за продолжување на работата на атомските централи“. Освен тоа осум централи беа привремено исклучени. Станува збор за седумте најстари атомски централи во земјата, како и една нуклеарка во која често имаше проблеми.

Атомската централа во Некарвестхајм, исто така дел од централите кои беа ставени под мораториум
Атомската централа во Некарвестхајм, исто така дел од централите кои беа ставени под мораториумФотографија: dapd

Енергетските концерни, кои во прво време останаа без зборови, потоа реагираа различно. Е.ОН, Ватенфал и ЕнБВ ја запреа исплатата на средства во фондот за заштита на климата. На крајот на март, енергетскиот џин РВЕ поднесе тужба против мораториумот. Критичарите на ваквиот потег тврдеа дека е тој бесмислен, зашто судскиот процес ќе трае подолго од мораториумот. И навистина, постапката се‘ уште трае, а притоа не е одреден ниту првиот термин за судско рочиште.

Веднаш по одлуката на владината коалиција за откажување од атомската енергија стана јасно дека седумте најстари атомски централи, како и реакторот Кримел, кој е исклучен со години, веќе немаат иднина. На крајот на мај, по извештајот на таканаречената Етичка комисија, германската влада имено објави дека земјата се откажува од атомска енергија и тоа ќе се случи до 2022 година, а осумте најстари атомски централи треба веднаш да престанат со работа. Сега тримесечниот мораториум завршува, и теоретски, концерните би можеле да ги вклучат повторно реакторите додека парламентот не ја изгласа промената на законот, согласно најавата на владата за откажување од атомска енергија. Е.ОН веќе донесе одлука да не ги вклучува повторно исклучените реактори, РВЕ и ЕнБВ се‘ уште се мислат. Двата концерна соопштија дека се‘ уште не е донесена одлука околу повторно вклучување на исклучените реактори.

Енергетскиот концерн РВЕ тужеше, но...
Енергетскиот концерн РВЕ тужеше, но...Фотографија: picture-alliance/ dpa

Автор: Верена Шмит-Рошман / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски