1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молдавија трепери од кризата на Крим

Александра Шерле / Елизабета М. Фиданоска1 април 2014

Стравот од руската политика на експанзија се зголемува и во Молдавија. Договорот за асоцијација со ЕУ треба да биде потпишан наскоро, но населението е поделено.

https://p.dw.com/p/1BZXJ
Фотографија: DW/A. Scherle

„Живееме во жив песок“, предупредува молдавскиот новинар и писател Витали Чобану. „Русија ја загрозува националната безбедност на Република Молдавија.“ Главниот уредник на списанието „Контрафронт“ и претседавач на ПЕН-клубот во Молдавија не е осамен во ваквите ставови. И на Запад, по анексијата на Крим, расте загриженоста од евентуални нови руски интервенции во други региони од територијата на поранешниот Советски сојуз.

Република Молдавија прогласи независност од СССР во 1991 година. Пред Втората светска војна голем дел од нејзината територија беше дел од Романија, со исклучок на Транснистрија. Овој регион на почетокот на 1990-тите, со руска помош, се отцепи од Молдавија, но во меѓународни рамки не е признат од ниту една држава во светот. Во Транснистрија и натаму се стационирани руски трупи. Регионот добива политичка и економска поддршка од Москва, мнозинството од населението зборува руски, додека во Молдавија службен јазик е романскиот.

Vitalie Ciobanu
Витали ЧобануФотографија: DW/A. Scherle

Руските воени сили на источната граница на Украина се толку силни, што би можеле да претставуваат закана за Молдавија во евентуален конфликт околу Транснистрија, објаснува командантот на НАТО Филип Бридлав. Молдавските политичари, со оглед на кризата на Крим и тензичната состојба во регионот, би морале да преговараат со Западот за безбедносни гаранции за Молдавија, оценува Витали Чобану во интервју за Дојче Веле. „Тоа нема да значи дека ја провоцираме Русија, туку едноставно дека ги штитиме нашите граѓани.“ Чобану вели дека е тажен и разочаран што молдавските политичари „немаат храброст за преговарање околу вакви гаранции“.

Die Republik Moldau (Moldova) und die Region Transnistrien Englisch
Фотографија: DW

И Анатол Тарану, поранешен молдавски амбасадор во Москва, не исклучува можност за руска интервенција во Молдавија. Руските трупи во Транснистрија во изминатите недели спроведуваа воени вежби. „Вакви маневри имало и порано, но во контекст на актуелната криза во регионот тие добиваат нови димензии. Присуството на руски трупи во Транснистрија би можело да биде непосредна закана за Молдавија“, објаснува Тарану за ДВ. Ако Русија бара изговор за влегување во Молдавија, тоа е лесно да се најде, вели поранешниот амбасадор: „На пример, Москва може да ги поттикне сепаратистичките сили во Транснистрија да нападнат молдавски војници.“

И автономниот регион Гагаузија, на југот на Молдавија, е проруски. Во јануари големо мнозинство од населението во тој регион на референдум се изјасни за приклучување кон царинската унија основана од Русија. Токму поради актуелната криза, Молдавија не би требало да се ориентира ниту кон Запад ниту кон Исток, оценува Игор Додон, претседател на Социјалистичката партија на Молдавија. „Добро компромисно решение би била федерализација на Молдавија, со Транснистрија и Гагаузија како засебни федеративни субјекти.“

Neues aus Moldau Moldawien
Фотографија: DW/Simion Chiochina

Американска помош за обезбедување на границите

Москва, според сопствени наводи, не стреми кон воена интервенција во Транснистрија или Молдавија. Но тоа се чини не го намалува стравот од руската политика на експанзија во регионот. Во неделата (30.03), американската ополномоштеничка за Европа Викторија Нуланд и‘ вети на Молдавија 10 милиони долари за обезбедување на границите.

Кризата во Украина придонесе истовремено и за поголема отвореност на ЕУ кон Молдавија, нагласува Валериу Мунтеану, пратеник на либералите во парламентот во Кишињев. „Имам чувство како Брисел да им прости едноставно многу грешки на молдавските политичари поради актуелната криза“, вели Мунтеану. Сега Кишињев мора да докаже дека е оправдана довербата на ЕУ.

Valeriu Munteanu
Валериу МинтеануФотографија: DW/A. Scherle

Дали граѓаните сакаат приближување до ЕУ? Општеството е поделено, вели политичкиот аналитичар Оазу Нантои. Поранешниот пратеник на Демократската партија сега е програмски директор во Институтот за јавна политика во Кишињев. „Околу една третина од граѓаните сака приклучување на Молдавија во ЕУ“, вели Нантои. „Една третина е проруски настроена и е восхитена од московските ветувања за евтин гас. На една третина од населението пак сето тоа и‘ е сеедно, и онака не излегува на избори.“

Oazu Nantoi
Оазу НантоиФотографија: DW/A. Scherle

Република Молдавија е многу сиромашна земја, „одвај да има семејство во кое нема барем еден член кој работи во странство“, вели новинарот Чобану. Кога луѓето немаат доволно за јадење, тешко е „да ги убедуваш вербално во нашата припадност кон европската цивилизација“. Политичарите во Кишињев, според Чобану, имаат направено премалку за на граѓаните да им ги предочат предностите од курс кон ЕУ. Резултатот на една актуелна анкета во Молдавија го прави Чобану замислен - најомилен странски политичар е Владимир Путин.