1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молдавија меѓу ЕУ и Евроазија

Р. Шварц / В. Калугареану / Е.М.Фиданоска30 ноември 2014

Во Молдавија денеска (30.11) се избира нов парламент. На изборите се гледа како на одлука за натамошната насока на земјата - продолжение на проевропскиот курс или приближување кон Русија?

https://p.dw.com/p/1DwZg
Фотографија: Dan Guțu

Република Молдавија треба да се приближи до ЕУ - тоа е прокламираната главна цел на прозападната коалиција која пет години владее во Кишињев. Резултатите од таквата политика се видливи за секого. Во текот на летото Молдавија го потпиша Договорот за асоцијација и слободна трговија со ЕУ. Од април 2014-та молдавските граѓани смеат да патуваат во Шенгенскиот простор без виза.

Европскиот курс на Молдавија наидува на остра критика во Русија. Според Москва, поранешната советска република Молдавија, која е независна од 1991 година, се‘ уште припаѓа на простор кој е под влијание на Русија. Како реакција на договорите со ЕУ, Кишињев се соочи трговско ембарго - Москва го запре увозот на вино, овошје, зеленчук и месни производи од Молдавија.

Земјата е една од најсиромашните во Европа. Во својата историја припаѓала на руското царство, по 1918 година на Романија, а по Втората светска војна на СССР. Населението на Молдавија има различни етнички корени - над 70 проценти се романски Молдавци, околу 10 проценти се Украинци и исто толку се Руси. Официјален јазик во земјата е романски. Голем дел од населението зборува и руски. Во проруската сепаратистичка република Транснистрија, како и кон Москва ориентираниот автономен регион Гагузија, службен јазик е рускиот.

Die Republik Moldau (Moldova) und die Region Transnistrien
Молдавија и ТранснистријаФотографија: DW

Анкетите покажуваат пат-позиција

Актуелните истражувања на јавното мислење предвидуваат трка рамо до рамо на проевропските либерално-демократски партии со комунистите и социјалистите кои се верни на Москва. Населението е поделено - 44% се изјаснуваат за западна ориентација на земјата, 43% за приближување кон Русија.

Комунистичката партија на поранешниот претседател Владимир Воронин е веднаш зад либералните демократи и Демократската партија, но доколку победи за да може да формира влада ќе зависи од социјалистите и другите проруски партии.

Најголеми критичари на Договорот за асоцијација со ЕУ се социјалистите. Нивниот претседател Игор Додон порано припаѓаше на Комунистичката партија на Воронин. Тој изјави дека во случај на победа на изборите договорот со ЕУ треба веднаш да се откаже. Перспективата на земјата, според Додон, е тесно поврзана со евроазискиот проект во рамки на Заедницата на независни држави ГУС.

Фактор на ризик - незадоволството и незаинтересираноста за политика

Фактор кој ќе ги одлучи овие избори може да биде одзивот на избирачите. Многумина Молдавци се нерешителни, многумина имаат загубено надеж поради сиромаштијата и многуте корупциски скандали кои ја тресат земјата.

Претседателот на Уставниот суд, Александру Танасе, во личен апел до сонародниците, повика да се излезе на избори. „Во Република Молдавија изборите не се политички, туку геополитички“, изјави Танасе. Нема идеална влада и нема идеални партии, смета тој, но додава дека не сака „Молдавија да биде водена од политичари кои се радуваат на руското ембарго против својата земја“, притоа мислејќи на ставовите на лидерот на социјалистите Додон.

Определба за ЕУ

Поранешниот преоден претседател и претседател на парламентот Михај Гимпу, инаку шеф на Либералната партија, во разговор за ДВ ја потврди јасната линија на владеачката коалиција - зајакнато продолжување на европското партнерство и солидарност во случај на победа на изборите.

Mihai Ghimpu
Михај ГимпуФотографија: DW/Cristian Ștefănescu

Во однос на кризата во Украина и улогата на Русија во тој конфликт, Гимпу вели дека јасниот став на германската канцеларка Ангела Меркел во оваа криза е „важна порака“ за неговата земја. Меркел неодамна ја критикуваше политиката на рускиот претседател Путин и предупреди дека е можен пожар во Европа, кој би можело да ги зафати и Молдавија, Грузија или Западен Балкан.

На овие избори важни се гласовите на Молдавците кои живеат во странство. Од околу 4 милиони жители, во моментов околу 500.000 работат во Русија, а исто толку, пред се‘ млади и добро образовани Молдавци, студираат и работат во ЕУ. Повеќе од половина милион поседуваат романски државјанство и со тоа се граѓани на ЕУ, иако нивната земја е далу од членство. Тие на овие парламентарни избори се јазичето на вагата. Ако излезат да гласаат, шансата за европска перспектива на Молдавија останува. Тоа го подвлече и молдавскиот претседател Николае Тимофти во своето телевизиско обраќање до нацијата.