1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можни ли се „Жолти елеци“ и во БиХ?

Самир Хусеиновиќ
14 декември 2018

Аналитичарите не веруваат дека граѓаните на БиХ се подготвени за протести како оние во Франција, дури и ако за тоа имаат многу силни причини. „Овде е како во онаа песна 'Молчи и трпи', велат сараевчани.

https://p.dw.com/p/3A6Za
Sarajevo Gelbwesten in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: DW/Samir Huseinovic

На прашањето дали во Босна и Херцеговина се можни протести по примерот на демонстрациите на „Жолтите елеци“ во Франција, граѓаните на Сараево даваат негативни одговори. Со констатација дека јавноста во оваа земја веќе одамна се однесува по примерот на насловот на хитот на групата Дубиоза колектив „Молчи и трпи“. Н.М. вели оти разединетото босанско-херцеговско општество не е способно да организира протести како оние во Франција или во Белгија. „Освен тоа, колективната свест кај населението во БиХ е далеку од нивото на луѓето во Франција кои се дигнаа против новите мерки кои директно влијаат на квалитетот на живот“, вели Н.М.

Слични одговори добивме и од други граѓани. В.И. смета дека населението во БиХ е во состојба да облече „жолти елеци“ исклучиво на социјалните мрежи. „Ние последните години покажавме дека сме, главно, способни да облечеме „жолти елеци“, и тоа оние флуросцентните, на Фејсбук. Кога треба да се излезе на улица, имаме попаметна работа, а и некој друг би можел тоа да го стори за нас“, вели В.И.

Можна е злоупотреба на протестите

А причини за незадоволство има, порачуваат стручњаците, набројувајќи само некои - ниски плати и пензии, високи цени на производите, горивото, јавните услуги... Сепак, јавните протести во БиХ се реткост. Бањалучкиот социолог Иван Шијаковиќ смета дека во оваа земја нема никакви шанси за „жолти елеци“, без разлика на тоа дали за нив има потреба. „Секако оти има потреба, бидејќи висината на платите и на пензиите за поголемиот дел од населението е срамно ниска. Меѓутоа, „жолти елеци“ тука не се можни поради повеќе причини. Власта меѓу демонстрантите би можела да уфрли свои агенти кои би кршеле излози, трафики и автомобили и така да го компромитира секое социјално движење“, вели Шијаковиќ за ДВ.

Welttag der Roma
Иван ШијаковиќФотографија: DW/Aleksandra Slavnic

„Ставот меѓу граѓаните кој преовладува е дека ништо не може да се промени, само попусто ќе трошиме време и труд'. Освен тоа, граѓаните тука живеат за денот кога ќе најдат некоја можност за побегнат во Германија или во скандинавските држави и со тоа да го решат својот проблем“, вели тој.

Појаснувајќи зошто во БиХ не се можни сериозни протести, политичкиот аналитичар Алмир Терзиќ наведува повеќе причини, а одговорни ги смета и медиумите и невладините организации. Тој предупредува и на отсуството на морал, недостаток на солидарност и - неискреност, „бидејќи сите едно мислат, друго зборуваат, а трето прават“. „Затоа се никакви, а не пак 'жолти елеци' да се очекуваат во БиХ. На поскапувањата, влошувањето на условите на живот или на другите неправилност, жителите во БиХ одговараат со слегнување на рамената. Поради тоа власта во БиХ не треба да се грижи, безбедна е во наредните 100 години. Го нема веќе оној позитивен дух од минатото. Сега ја имаме целата технологија на светот, вишок на информации, а всушност немаме ништо. Немаме искреност и храброст. Им се восхитувам на Французите и на Албанците кои се борат против лошите одлуки, додека Босанците и Херцеговците се препуштаат на летаргија чекајќи некој друг за нив да ги извршува работите и да создава подобри услови за живот“, вели Терзиќ.

Додик и „жолтиот елек“

Новинарот од весникот „Ослободување“, Ѓорѓе Крајишник вели дека спинерскиот инженеринг повторно „успешно“ ја завршил својата работа во БиХ. „По плашењата со војна во предизборниот период, сега имаме луди игри без граници за тоа дали Милорад Додик денеска изел меко или тврдо варено јајце, и дали Жељко Комшиќ во својот кабинет во зградата на Претседателството на БиХ ќе ја врати сликата на Ѓуро Пуцар Постариот или нема“, вели Краијшник.

Bosnien und Herzegowina Journalist Djorjde Krajisnik
Ѓорѓе КраишникФотографија: DW/S. Huseinovic

Нашите соговорници потсетуваат дека и „играта со знамињата“ во зградата на државното Претседателство била во функција за да одврати внимание од реалните општествени проблеми. А, кога новинарот на ТВ1 се обиде да укаже на бесмисленоста за пренесувањето и отстранувањето на знамињата во Претседателството во време на константно поскапување на горивото во БиХ, Додик му одговори: „Облечи 'жолт елек', па шетај низ Босна“.