1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Можна ли е повторна инфекција со коронавирус?

Александер Фројнд
26 август 2020

Повеќе месеци по првата инфекција со коронавирус, пациенти во Хонгконг, Холандија и Белгија се повторно позитивни на SARS-CoV-2. Дали по прележувањето на болеста сепак не се стекнува имунитет?

https://p.dw.com/p/3hW5p
Deutschland Corona-Teststelle am Flughafen Schönefeld
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Во текот на пандемијата на коронавирусот постојано се известува за можна повторна инфекција, но во најголемиот број случаи за тоа не се направени доволен број тестови, или тие се лажно негативни, или пак тоа им се припишува на остатоци од вирусот од првата инфекција.

Сега има документирани нови инфекции од Хонгконг, Холандија и Белгија. Во сите случаи веќе оздравени пациенти, по неколку месеци повторно се заразиле со коронавирус, најверојатно со мутирана варијанта на SARS CoV-2.

Повеќе:

Ре-инфекцијата со коронавирусот ги загрижува експертите

Дали мутациите ќе го направат коронавирусот безопасен?

Различни случаи - сличен тек

33-годишниот маж од Хонгконг на средината од март имал лесни симптоми на Ковид-19 и на 26 март бил тестиран и позитивен на SARS CoV-2. Останал во болница, се’ додека на 14 април, по вториот негативен ПЦР-тест, не бил пуштен дома.

За време на едно деловно патување во Шпанија човекот најверојатно повторно се заразил. Тоа е откриено повеќе случајно, кога 33-годишникот на 15 август бил рутински тестиран на аеродромот во Хонгконг. Поради претпазливост, тој е повторно хоспитализиран иако немал никакви симптоми.

Анализите покажале дека не станува збор за првата инфекција, туку дека навистина се работи за мутирана варијанта на вирусот. „Анализите покажаа дека првиот вирален геном бил дел од друг сој на SARS-CoV-2“, изјави д-р Келвин Каи-Ванг То, професор на катедрата за микробиологија на Универзитетот Хонгконг (ХКУ). Според него, двете варијанти на вирусот се разликуваат во 24 нуклеотиди - градбени единици на геномот.

Одамна е познато дека како што е вообичаено кај сите вируси, и SARS-CoV-2 мутира повеќекратно во текот на пандемијата и притоа се менуваат постојано делови од неговата протеинска структура.

Кинеските научници се сигурни дека во случајов јасно станува збор за нова инфекција. Значи, и по прележан Ковид-19, можна е повторна инфекција со SARS-CoV-2. До таква ре-инфекција често доаѓа и во случајот со други сезонски вируси, како 229E, OC43, NL63 и HKUI24, велат научниците од Хонгконг.

Hongkong | Coronavirus | Passanten mit Mundschutz
Премиерката на Хонгконг, Кери Лам, пред неколку дена најави бесплатни корона-тестови од 1 септември, за да се идентификуваат асимптоматските случаиФотографија: picture-alliance/dpa/abaca/T. Keith

Два случаја во Европа

И кај пациентот во Холандија, постар маж со слаб имунолошки систем, генетскиот код на втората инфекција се разликува значително од првиот, вели Марион Копманс, виролог и советничка на холандската влада. Можната нова инфекција не ја чуди, додава таа. „Од другите инфекции на дишните патишта знаеме дека нема доживотна заштита, и тоа не го очекуваме ниту во случајот со Ковид-19“, изјави Копманс за холандското радио. Сега треба да се испита дали ваква втора инфекција има почесто, или се работи за одделни случаи.

Во Белгија една пациентка повторно се разболе по три месеци. И кај неа, при анализа на генска секвенца, е утврдено дека вирусот од второто заболување имал 11 мутации. „Тоа не е добра вест“, изјави вирологот Марк Ван Раст за белгиската телевизија ВТМ.

Повеќе:

Колку плазма-терапијата е навистина ефикасна против Ковид-19?

СЗО се надева на крај на пандемијата во 2022 година

Многу отворени прашања

Доколку се потврди повторното заразување, тоа ќе значи дека имунитетот на SARS CoV-2 е со кратко траење, односно дека пациентите кои прележале Ковид-19 се само делумно заштитени. Очигледно, не развиваат сите заштитни антитела.

Но, и по осум месеци од избивањето на пандемијата, се’ уште многу прашања се наразјаснети, а и за научниците е тешко да добијат преглед на сите сознанија, со оглед на тоа што се истражува насекаде во светот и многу резултати се објавуваат брзо и без неопходна проверка од страна на колеги стручњаци.

Детални студии за случаите во Холандија и Белгија засега нема. А, и за документираната повторна инфекција во Хонгконг досега има само извадоци од стручен текст кој го има објавено репортерка на весникот Саут Чајна Морнинг Пост на Твитер.

Symbolfoto Coronavirus
Дали мутации на SARS CoV-2 ги предизвикале новите инфекции?Фотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress

Што значи ова за вакцината?

Во светот во моментов се тестираат повеќе од 150 вакцини против SARS CoV-2. Неодамна Русија даде дозвола за вакцината „Sputnik V“, а покрај неа уште седум други кандидати за вакцини се во клучна клиничка трета фаза од тестирањето.

Доколку ре-инфекциите навистина се потврдат, SARS CoV-2 тешко дека ќе исчезне со создавање на имунитет на стадо. Можно е и вакцините на кои сега се работи да не даваат доживотна заштита од агресивен коронавирус.

Се’ додека не заврши клиничката трета фаза од истражувањата и додека нема долгорочни научни студии со цврсти докази, нема да може со сигурност да се каже колку овие вакцини навистина ќе бидат ефикасни, дали ќе штитат и од вирусните мутации и колку долго ќе трае таа заштита.