1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можеше ли поинаку за БиХ?

1 март 2012

Први март, Денот на независноста на БиХ, е историски датум. На тој ден пред 20 години 64 отсто од граѓаните се изјаснија за независна и суверена држава. Некои дилеми за патот на БиХ кон независност и денес се актуелни.

https://p.dw.com/p/14CLy
Фотографија: picture alliance/dpa

Според оценката на аналитичарите, Босна и Херцеговина, на почетокот на 1992. година имаше две можности: да остане во т.н. Југославија која ја контролираше Слободан Милошевиќ, или да тргне по патот на независноста. Во денешна БиХ одлуката за свикување референдум се толкува различно, а во академските кругови се расправа и за тоа дали независноста требаше да биде прогласена во некој попогоден момент.

По војната, овие дилеми ги коментираше и првиот претседател на независна БиХ, Алија Изетбеговиќ.

„Први март е нашата судбина и неумесно е, па и погрешно, да се поставува прашање дали можеше да биде поинаку. Ние немаше да бидеме ова што сме, доколку тогаш, во име на сомнителната сигурност, одбравме потчинување“, ќе рече Изетбеговиќ.

Jugoslawien Bosnien Kroatien Serbien Geschichte Friedensverhandlungen in Dayton
Алија Изетбеговиќ, Фрањо Туѓман и Слободан Милошевиќ во ДејтонФотографија: AP

Прерано или предоцна?

Академикот Мухамед Филиповиќ е еден од оние кои сметаат дека за БиХ ќе беше подобро да се определеше за самостојност во времето кога тоа го сторија Словенија и Хрватска. Во интервју за весникот „Дани“, Филиповиќ објаснува дека во тој случај БиХ ќе имаше повеќе шанси да избегне војна, односно со помош на меѓународната заедница која беше наклонета кон Словенија и Хрватска, да ја блокира српската воена акција.

„Тој наш чекор тогаш би бил, прво, далеку поподнослив за Европа и би им дал натамошна валоризација и на хрватското и словенечкото излегување од Југославија. И второ, во голема мерка би ја довел во прашање оправданоста на српската акција“, смета Филиповиќ.

Но, тогашните политички актери веруваат дека војната веќе била неизбежна. За ДВ тоа го потврдува и Стјепан Кљуиќ, тогашен претседател на ХДЗ во БиХ, кој вели дека „агресијата врз БиХ е подготвувана систематски и не можела да се избегне“.

„Потполно беше неважно дали ние ќе прогласиме независност со Хрватска и Словенија. Ние би го сториле тоа, но немавме сили, бидејќи тука го имавме СДС, а чекавме и став од тогашната Европска заедница“, објаснува Кљуиќ.

Почеток на страдањата

За мнозинството Срби пак, 1. март означи почеток на страдањата на народите во БиХ, за што вината, според оценка на актуелните српски политичари, ја сноси коалицијата на бошњачката Странка за демократска акција и на хрватската ХДЗ-БиХ.

„Во тоа време веројатно не требаше да се оди на референдум, бидејќи БиХ тогаш ниту по етнички, ни по идеолошки принципи не беше вистинска држава. Што се однесува до толкувањето на историските факти, не мислам дека вистината може да се гради врз основа на консензус, бидејќи тогаш тоа е договорена вистина и тоа не е решение“, вели Миодраг Живановиќ, аналитичар од Бања Лука.

Banja Luka Miodrag Zivanovic
Миодраг ЖивановиќФотографија: DW/Sajinovic

Повоените реформи битно го променија Дејтонскиот договор, поради што дел од аналитичарите тврдат дека БиХ денес е многу повеќе држава одошто тоа беше во 1995. година. Последните оптимистички прогнози велат дека БиХ можеби набрзо ќе ги исполни критериумите за добивање кандидатски статус за членство во ЕУ, со што, 20 години по референдумот за независност, значајно би се приближила до европското семејство на народи.

Автор: Самир Хусеиновиќ/Б. Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска