1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Јосиповиќ да ги „загрее“ повторно односите на Хрватска со Србија?

1 септември 2011

Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ денеска (01.09) и утре е во Србија. Тоа е прилика да се разјаснат изјавите што доведоа до ново заладување на односите меѓу Загреб и Белград.

https://p.dw.com/p/12RUj
Борис Тадиќ и Иво Јосиповиќ (архива)Фотографија: AP

За дијалог се и хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ и шефот на хрватската опозиција Зоран Милановиќ, но тие потсетуваат дека Хрватска го призна Косово и не гледаат ништо спорно во пораките на Јадранка Косор. Според хрватските коментатори, работите се сведуваат на одржување на власт.

Политичката аналитичарка Андреа Фелдман смета дека од страна на медиумите е несериозно да се тривијализираат пораките на хрватската премиерка: „Само површен поглед во дневното издание на ’Политика’, како и некои други надворешно-политички коментари во Србија сведочат за тоа дека српските погледи на регионот, на нивното соседство, се многу малку променети. Наместо да одговорат на првото и основно прашање кое ја обезбедува нивната европска иднина, а тоа е прашањето на дефинирање на сопствените граници, српските политичари продолжуваат со погубното и себично истакнување на сопствените позиции во однос на соседите“, нагласува Фелдман.

Jadranka Kosor
Јадранка Косор, според дел од коментаторите, околу регионалните односи дала изјави во предизборни целиФотографија: Alen Legovic

Според Весна Пушиќ, која во случај на победа на левата коалиција на претстојните парламентарни избори во Хрватска (закажани за четврти декември н.з.) би требало да го преземе раководењето со дипломатијата, заминувањето на премиерката на Косово е „добар потег, но лошо подготвен, па од него нема да имаат некоја особена полза ни Косово, ниту Хрватска, ни Србија, зашто ако премиерката и сакала да помогне во разрешување на спорот меѓу Белград и Приштина, по некои нејзини изјави, никој нема да сака ја викне за посредник“. Околу изјавите дадени потоа, како реакција на Тадиќ И Јеремиќ, од типот „никој нема да ни‘ наредува што ќе правиме или зборуваме“, Пушиќ смета дека се дадени во предизборни цели.

Три видови притисок врз хрватско-српските односи

Поранешниот министер за надворешни работи на Хрватска, Тонино Пицула, е на став дека хрватско-српските односи денес трпат три видови притисок. „Првиот вид притисоци се внатрешно-политичките прилики во двете земји, не само поради скорешните избори и не многу поволните анкети за Косор и Тадиќ, туку и поради разијдувањето на домашните сцени, како кон политичкиот состав на вредности, така и кон регионалните преферирања“, смета Пицула и додава: „Вториот вид притисок се нерешените прашања што со години ги оптоваруваат меѓусебните односи, од граничните проблеми до судбината на исчезнатите лица“. Трет вид притисок, според Пицула е оној „на кој одговор нема ниту јаловата ЕУ - односот на Хрватска и Србија кон Босна и Херцеговина“. Двете земји, нагласува тој, се за „целовита БиХ и рамноправност на народите, но околу Босна и Херцеговина постојано, над или под маса, се сака да се одиграат некакви игри“.

Автор: Гордана Симоновиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски