1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клуч за мирот?

Стефани Хепнер / Симе Недевски26 август 2014

Обединетите Нации наскоро би можеле да се вклучат во обидите за ставање крај на судирите во Појасот Газа. Експерите сметаат дека тоа би бил прв важен чекор кон мир на Блискиот Исток.

https://p.dw.com/p/1D0ox
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија, Франција и Велика Британија ја разгледуваат можноста за испраќање припадници на Обединетите нации во Појасот Газа. Каков би бил нивниот мандат во моментов не е познато, но Берлин, Париз и Лондон веќе неколку недели водат разговори за тоа. Ако се точни информациите кои во последниве денови ги објавуваат водечки медиуми во Европа и во САД, споменатите земји-членки на ЕУ ќе предложат нацрт-резолуција, која би требало да ја поддржи и Вашингтон. Иако нема конкретни индиции за тоа што би можело да стои во резолуцијата, упатените тврдат дека таа дефинитивно ќе го опфати и предлогот да се отворат границите кон Појасот Газа и да се воведе систематска контрола на стоките, за да се спречи доставување на оружје во Газа.

Би требало да биде овозможено и враќање на автономната палестинска управа, како и разоружување на движењето Хамас. Со меѓународен надзор би можела да започне и обнова на регионот. Истовремено се очекува дека Израел ќе инсистира на цврсти безбедносни гаранции, за да го поддржи испраќањето на мировници на ОН. Сепак, постојат сигнали дека мисијата на ОН би била повеќе од политички отколку воен карактер. Во таков случај е исклучено испраќање на „сини шлемови“. Ни израелските, ниту палестинските официјални претставници, не навестија подготвеност за ваков вид договор, а според тврдењата на неименуван дипломат од ОН, концепт за мисијата веќе постои. За истата или слична нацрт-резолуција се разговара уште од почетокот на август. Шефовите на дипломатии на споменатите европски држави наводно веќе имаат предложено формирање на мисија на ЕУ, која би ги контролирала граничните премини кон Појасот Газа. Дури се споменува и името на мисијата - ЕУБАМ.

Israel Gaza Beschuss 21.08.2014
Фотографија: Reuters

Чекор во добра насока?

Иако информациите за ваквата нацрт-резолуција се неофицијални, некои експерти веќе се впуштаат во анализи. Во едно нешто сите се согласуваат: разгледувањето на можноста за формирање меѓународна мисија е исправно. „Секој силен ангажман на Европската унија го сметам за важен и добар“, вели Беате Вагнер, генерален секретар на германската Асоцијација за Обединетите нации (ДГВН). Една таква мисија навистина би можела да осигура безбеден проток на стока во кризното подрачје, но и да овозможи нормално функционирање на училиштата и другите јавни институции, на кои во моментов најпотребен им е градежен материјал за обнова и изградба.

Во минатото тоа не беше можно. Преголем беше стравот дека бетонот и другите материјали ќе завршат во погрешни раце. Притоа се мисли пред сѐ на иградбата на тунелите, преку кои во изминатите месеци припадниците на Хамас се снабдуваа со оружје во Појасот Газа. „Политичка мисија под закрила на ОН би можела да оствари таква доверба и да ја исполни задачата, пред сѐ во пружањето помош за населението, значи за нормализација на животот во Појасот Газа“, вели Вагнер и додава: „Со оглед на очигледната радикализација во регионот, мисијата на ОН би можела да го ублажи притисокот врз ова буре барут“.

Тежок почеток

За да биде реализирана идејата за испраќање на меѓународна политичка мисија во Појасот Газа неопходна е согласност од страните во судирот. „Мислам дека Израел нема да биде подготвен на соработка“, сомничава е Маргарет Јохансен од Институтот за мир и безбедносна политика при Универзитетот во Хамбург. „Израел не им верува на Обединетите нации“. Властите во Ерусалим за резулуциите на ОН вообичаено велат дека се насочени против политиката на Израел. Причина за тоа се критиките на Советот за човекови права на ОН, кој го обвинува Израел за „тешко прекршување на правата на Палестинците“. На израелската влада ѝ се префрлува и одговорност за дискриминација на населението во Голанската висорамнина, на границата со Сирија.

Raketenangriff aus Gaza auf Israel 20.08.2014
Фотографија: Menahem Kahana/AFP/Getty Images

Сепак, на почетокот на август, шефот на израелската дипломатија Авигдор Либерман, навести можност за соработка со ОН, со цел во Појасот Газа повторно да завладее мир. Тој во една парламентарна дискусија дури наведе дека можеби меѓународни сили би можеле да го контролираат Појасот Газа. Но дали предлогот на Берлин, Париз и Лонадон е навистина прифатлив за израелската влада, останува да се види. Не треба да се заборави ни дека палестинската страна има свои услови, и оти е неопходно и таа да го прифати предлогот. Стручњаците оценуваат дека најспорно барање би можело да биде она за деблокада на Појасот Газа, на кое инсистира Хамас. Во секој случај, во оној момент кога официјално ќе бидат познати детали од нацрт-резолуцијата, ќе уследат дипломатски напори, кои за промена, навистина би можеле да му донесат мир на регионот.