1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моделот на балканските држави не чини

А. Ернст / нцц
5 декември 2017

Балканскиот модел мора да се промени, уверен е Душан Рељиќ, експерт од фондацијата Наука и политика во Берлин, со кого за балканските маки на патот до ЕУ разговараше Андреас Ернст од НЦЦ.

https://p.dw.com/p/2omKv
HRVP Mogherini trifft Premierminister des westlichen Balkans
Фотографија: European Union

ЕУ ќе се промени во годините што доаѓаат, а од тоа ќе зависи дали и како ќе напредува интеграцијата на Западниот Балкан во Унијата, пишува денеска весникот „Ноје цирхер цајтунг“ (НЦЦ), кој ги анализира економските проблеми на Балканот, лошите одлуки во минатото и перспективата за иднина. Еве дел од текстот:

„Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, не е особено омилен на Западниот Балкан. Кога стапуваше на должност во 2014 година, тој објави мораториум за проширувањето на ЕУ. Во септември годинава ја подотвори малку вратата и рече дека проширување е замисливо во 2025 година. За мирот е важно 'да се задржи веродостојна перспектива за приклучување

на земјите од Западен Балкан', рече Јункер. Србија и Црна Гора имаат најдобри шанси да ја минат пречката на средината од 2020-тите. Наспроти тоа, Албанија, Босна и Херцеговина и Македонија сѐ уште не ни почнале со преговори за приклучување. Што тргна наопаку?

Речиси дваесет години по крајот на југословенските војни, членки на ЕУ станаа прво Словенија (2004), па Хрватска (2013). Душан Рељиќ од фондацијата Наука и политика половина од својот професионален век го има минато во истражување на трансформациските процеси во својата некогашна југословенска татковина. Неговиот заклучок гласи: 'Досегашниот модел не е добар'. Интеграцијата во ЕУ значи постепено приближување на економското постигнување и на правните структури на една земја кон оние на земјите членки на ЕУ. Тоа во случајот на балканските држави не успеа. Регинот економски многу заостанува. Економијата би морала да бележи пораст од најмалку 6% годишно за до 2040 година да го достигне просечното ниво во ЕУ. Тоа, во дадените услови, е нереално. Во моментов стапките на пораст изнесуваат одвај 3%.

За мизеријата, според Рељиќ, има две причини: неуспешната политика на приватизација во западнобалканските држави и економската интеграција во ЕУ, која се одвива со половина срце и со себе носи многу негативности. Во 1990-тите фирмите од југословенската 'колективна сопственост' прво беа подржавени, а потоа продадени на добро поврзани олигарси. Тие не го развиваа производството, туку ги искасапија фирмите, на тој начин станаа уште побогати и дозволија пропаѓање на фабриките. На ваквата индустриска почва полна со урнатини во текот на изминатата деценија дојдоа претпријатијата од ЕУ-просторот, пред сѐ од Германија и Италија, кои беа во потрага по евтина работна сила. 'Меѓутоа, овие производители на делови за автомобили или текстилни фирми не носат нови технологии и не произведуваат висококвалитетни продукти. Тие не ја прават економијата 'поинтелигентна'.'

Со оглед на тоа што нема истражувања и развој, Балканот останува евтина работилница на периферијата на ЕУ. Истовремено, државите се натпреваруваат кој ќе даде повеќе субвенции за странските инвеститори: го намалуваат данокот на капитал и го зголемуваат данокот на обрт. Тоа, според Рељиќ, ја  одразува државната прераспределба одоздола нагоре. Додека куповната моќ на населението стагнира, се сумираат надворешнотрговските дефицити - само во периодот од 2006 до 2016 година на околу 97 милијарди евра. Јавното и приватното задолжување е тешка хипотека за генерациите кои доаѓаат. Според Светска банка, при сегашните стапки на пораст, на регионот ќе му бидат потребни околу 50 години додека го достигне просечното ЕУ-ниво. Оттука, вели Рељиќ, разумни се одлуките на добро образованите за иселување...“

Karte Balkan EU-Länder Nicht-EU-Länder ENG

За да се запре негативниот развој, според Рељиќ, „ЕУ би морала да стане свесна дека Западниот Балкан е веќе целосно интегриран во европскиот економски простор, но по неповолно услови“.

„За разлика од ЕУ-соседите, овие земји немаат пристап до европските структурни фондови за изградба на сообраќајните и енергетските мрежи и не можат да учествуваат во механизмите за финансиско стабилизирање. А, токму тоа треба да се овозможи за да се привлечат оние инвеститори кои го прават производството 'поинтелигентно', кои создаваат вишок на вредност и на добро образованите им нудат перспектива. Дали државите се доволно стабилни за да ги совладаат ваквите реформи? Рељиќ ја поставува ситуацијата обратно: 'Само паралелно со економското опоравување би можеле да се спроведуваат правни и политички реформи.' Регионот функционира како систем на споени садови. Југославија како држава се распадна, но како 'политички простор' е и тоа како жива. Во овој систем  ЕУ се потпира врз авторитарни фигури, како српскиот претседател Александар Вучиќ. Таа се надева дека така може да ги држи под контрола земјите подложни на кризи, како Македонија, Косово или Босна, што е ризичен експеримент во реал-политиката“, пишува НЦЦ.

Повеќе на оваа тема:

ЕУ расположена за проширување со земјите од Западниот Балкан

Само Македонија ќе ги исполни условите за членство во ЕУ до 2023 година

Јункер и проширувањето на ЕУ: Игра на членства на Балканот

Истиот весник пишува и за Белград како „изненадувачка мека“ за трансородовите лица: „За жените кои се всушност мажи и за мажите кои се чувствуваат како жени, Белград е дестинација од соништата. Тука постојат четири клиники специјализирани за промена, или поточно кажано - прилагодување на полот.“ Тоа, според НЦЦ, „во прв момент изненадува, зашто Србија е конзервативна и патријархална земја.“ „Црквата пропишува строго дефинирана поделба на полови, а донеодамна геј-парадата беше сигурен повод за жестоки тепачки. Но, работите полека се менуваат. Тоа што премиерката Ана Брнабиќ е лезбејка и што повремено се појавува со својата партнерка, не чуди веќе никого.“

Според весникот, „атрактивноста на Белград за трансродовата хирургија и онака нема врска со општественополитичката клима“. „Важни се компетентноста на лекарите - и цените. И едното и другото се обезбедени. Кон крајот на 1980-тите, професор Сава Перовиќ, пионер на трансродовата медицина, ги изведе првите операции во Белград и тоа му донесе меѓународен углед... Во Белград оперативен зафат чини околу 10.000 евра - тоа е многу поповолно отколку во западните земји“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.