1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многумина Британци стравуваат за својата работа во ЕУ

Максимилијан Кошук/ЖА28 јуни 2016

Кога Обединетото Кралство и официјално ќе ја напушти ЕУ, ќе се промени и работниот однос на многумина Британци вработени во институциите на Унијата. Но, тоа не е толку едноставно.

https://p.dw.com/p/1JETk
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Само што беа објавени резултатите од референдумот, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер веќе им прати електронска пошта на своите соработници со порака: мнозинството службеници на ЕУ и по излезот на Велика Британија од ЕУ може и натаму да работи во Брисел. Тие се службеници на ЕУ, а не на Обединетото кралство, аргументираше Јункер.

Но, тоа не е толку едноставно. Според прописите за службеници на ЕУ, конкретно според членот 28а, службениците кои работат за ЕУ мора да бидат од една од земјите на Унијата.

Комисијата и Советот

Еден Британец веќе два дена по референдумот ги спакува своите куфери: лорд Џонатан Хил се повлече од функцијата комесар на ЕУ за финансиски и пазари на капиталот. Тој во европскиот апарат беше највисок по ранг службеник на Велика Британија.

Покрај Хил, во ЕК работат околу 1200 британски службеници. Моментно се смета дека високорангираните британски службеници, на пример четири британски генерални директори, ќе бидат отповикани уште пред крајот на преговорите за истапување.

Неколку илјади британски државјани работат и во Европскиот совет, во комисиите за региони, стопанство и валути, како и во другите тела. Во преодниот период мора да биде разјаснет статусот на сите овие службеници. Евентуално тие би можеле да работат до истекот на своите доживотни договори. Но, Велика Британија би морала да го разјасни прашањето за пензиите за своите службеници во ЕУ.

Европски парламент

Моментно во Европскиот парламент седат 73 британски пратеници. Нивниот мандат истекува во летото 2019 година. До официјалното излегување на нивната земја од ЕУ, тие би можеле да имаат право на глас. „Ќе најдеме разумно решение“, велат во Брисел. Како што сега стојат работите, Обединетото Кралство би можело да замине од ЕУ уште во 2018 година. Тогаш британските парламентарци би останале без работа, значи, една година пред новите европски избори. Оние кои мора да стравуваат за своите работни места се стотиците вработени во ЕП. Поискусните професионалци сигурно имаат шанса да најдат некој добро платена работа во ЕУ. На младите Британци ќе им биде многу потешко. За многумина асистенти и практиканти референдумот ќе значи крај на кариерата во ЕУ.

Дипломати

Британската амбасада во Брисел веќе соопшти дека нејзините врати се отворени за нови соработници. Обединетото Кралство ќе мора да обезбеди поброен персонал за преговорите околу истапувањето од ЕУ. Референдумот нема да има негативни последици за британските дипломати во Европската служба за надворешни работи, ЕАД. Тие во Брисел се испратени во својство на преговарачи на Велика Британија, а се грижат за односите меѓу Обединетото Кралство и ЕУ. Така, тие имаат ист статус како и дипломатите од земјите кои не се членки на ЕУ, како Турција или САД.

Лобистите и судовите

И околу 140 лобисти од британскиот финансиски сектор мора да се грижат за својата иднина. 50 најголеми банки од ОК годишно плаќаат 34 милиони евра за работата на лобистите. Без членство во ЕУ, застапувањето на нивните интереси во Брисел ќе биде исклучително отежнато.

Покрај Брисел и Стразбур, и Луксембург е едно од управувачките седишта на ЕУ. Таму Британци работат за Европскиот суд на правдата. Британските судии веројатно ќе мора да ја напуштат таа институција. Преведувачите и правниот персонал меѓутоа имаат шанса да останат, зашто работните договори се склучени со поединечни соработници, а не со државата Велика Британија, наведува надлежниот синдикат.

Истапувањето од ЕУ - причина за отказ?

Притисокот врз британските службеници ќе порасне со почетокот на преговорите за истапување на Велика Британија од ЕУ. Уште поконкретен од членот 28а би можел да биде членот 49, според кој еден службеник мора да се повлече од должност ако нема државјанство на некоја земја-членка на ЕУ.

Додека нема спогодба за истапување, Британците може да се повикуваат на членството во ЕУ, но кога нивната земја ќе истапи, другите земји ќе ги бараат нивните работни места за свои службеници.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема