1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ (засега) не учествува во помош за Грција

Зоран Јордановски/дпа/афп31 јули 2015

ММФ бара спроведување на реформи од грчката страна и олеснување на долговите од страна на Европејците, како услов за учество во трет пакет помош за Грција. Каков ќе биде одговорот на Берлин?

https://p.dw.com/p/1G7vW
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Претставници на ЕУ, Европската централна банка (ЕЦБ), Европскиот механизам за сигурност (ЕСМ) и на Меѓународниот монетарен фонд денеска во Атина имаат директна средба со грчките министри за финансии и за стопанство Еуклид Цакалотос и Јоргос Статакис. Разговорите се однесуват на планираниот трет пакет финансиска помош за Грција. Претходно контролори од тие организации ја „снимија“ состојбата во презадолжената земја која само со помошта од кредиторите успева да избегне банкрот.

Никој не очекува брз пробив во тековниве преговори, иако грчката влада до 20. август мора да и’ врати 3,2 милијарди евра на ЕЦБ како отплата на поранешните кредити.

ММФ (засега) нема да учествува во третиот пакет

Ситуацијата со новата помош за Грција се компликува по денешните информации дека ММФ ќе учествува во преговорите, но засега нема намера да учествува во третиот пакет. „ММФ може да поддржи само сеопфатна програма“, изјави претставник на Фондот. Прво мора на обете страни да бидат донесени тешки решенија и дури потоа ММФ би можел да учествува во третиот пакет, велат од ММФ.

Нужна е комбинација од реформи на грчка страна и отпис на дел од долговите од страна на доверителите. Мора да биде обезбедено дека Атина прифаќа целосно спроведување на реформите што ги бараат доверителите, а Европејците да и’ гарантираат на Атина олеснување на долговите, изјави денеска висок по ранг претставник на ММФ.

Ставот на ММФ - притисок врз Берлин?

Во ММФ очигледно се сомневаат дека Атина со новата програма повторно ќе биде во состојба да го отплатува долгот. Според пишувањето на весникот „Фајненшел Тајмс“, раководството на ММФ синоќа разговарало за тоа, како да се постапува во грчката криза. „Никој не треба да и’ се препушти на илузијата дека една страна сама може да го реши проблемот“, цитира агенцијата Франс прес неименуван претставник на ММФ.

Германската влада досега стриктно одбива отпис на долговите за Грција и аргументира дека тоа е спротивно на правилата на ЕУ. Во Берлин сепак се подготвени на продолжување на роковите за отплата и на намалување на каматите за доделените кредити за Грција. Истовремено, за Германија досега беше незамислива натамошна помош за Грција без учество на ММФ.