1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ: Намален економски раст поради Брегзит

Андреас Бекер/Ж.А.20 јули 2016

ММФ очекува намален растеж на светската економија поради Брегзит отколку што досега се очекуваше. Тоа се должи меѓутоа и на слбата конјунктура во Африка.

https://p.dw.com/p/1JSaJ
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lo Scalzo

По неочекуваната одлука на Британците да ја напуштат ЕУ, економистите од ММФ одново ги анализираа економските прилики. Бидејќи Брегзитот со себе носи несигурност и многу ризици, се очекува и помал растеж на светската економија.

„Прогнозата за 2016/2017 година е влошена, иако развојот на почетокот на годината протече подобро од очекуваното“, се вели во извештајот кој ММФ го претстави вчера во Вашингтон.

ММФ за тековнава година очекува глобален економски пораст од 3,1 процент, а за в година 3,4 проценти. Тоа е за 0,1 прпцент помалку од прогнозата во април.

„Разбирливо, директните последици од Брегзитот во Европа ќе бидат најчувствителни, а посебно во Обединетото Кралство“, рече Мори Обстфелд, главен економист од ММФ. „Нашата прогноза за другите региони е речиси непроменета, без оглед на Брегзитот.“

Значителни корекции

ММФ за Велика Британија во идната година очекува растеж од само 1,3 проценти, што е за 0,9 насто помалку од првичните очекувања. Последици ќе има и за Германија, еден од најважните трговски партнери на Велика Британија. Економскиот учинок во Германија за годинава ќе забележи мал пораст и ќе изнесува 1,6 проценти, но за идната година ќе падне на 1,2 насто.

Би можело да се смета дека корекција од само 0,1 процент за растот на светската економија не е никаква причина за загриженост. Меѓутоа, прогнозата се базира врз многу оптимистички ставови во врска со „бракоразводниот“ процес меѓу Британците и ЕУ.

„Во нашето сценарио поаѓаме од тоа дека нема да има високи економски бариери, дека нема да дојде до поголеми потреси на финансиските пазари и дека политичките последици од референдумот ќе останат во граници“, се вели во извештајот.

„Нашето сценарио го сметаме за најверојатно“, објаснува Обстфелд, „но, постојат и полоши варијанти. Тие би предизвикале посилно редуцирање на економскиот развој во Европа и би имале осетни влијанија и надвор од Европа.“

Ако преговорите за Брегзит не одат толку мазно и бидат воведени нови трговски бариери, гласи едно алтернативно сценарио на ММФ, светската економија идната година ќе забележи помал растеж за 0,6 проценти во однос на првичната прогноза.

Значи, се‘ зависи од исходот на преговорите. „Вистинските последици на Брегзит ќе бидат јасни дури со текот на времето“, вели Обстфелд. „Тоа доведува до економска и политичка несигурност, која ќе трае уште многу месеци.“

IWF Wachstumsprognose Maurice Obstfeld
Морис ОбстфелдФотографија: Getty Images/AFP/M. Riley

Драматични последици во Африка

Независно од Брегзит-сценаријата, економијата во Русија бележи пад (-1,2 насто), исто така и во Бразил (-3,3 насто) оваа година. Сепак, рецесијата во двете земји можно е да биде надмината уште во 2017. година, верува ММФ.

Значително влошена е прогнозата за Африка. За Нигерија ММФ ја коригираше стапката на економски растеж за 4,1 насто и очекува годинава таму да биде реализиран пораст од 1,8 насто. Корекција претрпе и прогнозата за Јужна Африка, за годинава таму се очекува стагнација. Бидејќи Јужна Африка и Нигерија се најголемите економии во субсахарска Африка, регионот оваа година ќе бележи стапка на развој од 1,6 насто, половина од очекуваното. Со тоа и последиците ќе бидат драматични, зашто ќе се намали и приходот по глава на жител.

„Нова нормалност“

Како контрамерка против слабата светска конјунктура, ММФ препорачува засилување на приватната потрошувачка и структурни реформи. Носителите на одлуки и политичарите не треба да се помират со слабиот раст и да го прифатата како „нова нормалност“, истакнува Обстфелд.

Зашто, ако приходот стагнира, а растат социјалните тензии, кај луѓето се засилува желбата за изолирање и национализмот.

„Стана популарно во глобалните пазари да се гледа коренот на сите зла. Затоа, носителите на одлуки и политичарите треба да воведат нови ’бајки’“, вели Обстфелд. „Преку нив треба да се разбуди надеж во повторно јакнење на средната класа со помош на политички мерки, како и во пофер распределба на профитот.“

Со оглед на референдумот за Брегзит и растечката популарност на националистичките политичари, се чини дека и ММФ согледа дека економската политика не може трајно да се води на штета на населението, барем не во демократските земји.