Младите не беа закана за политичарите во БиХ – досега!
11 февруари 2014Младите досега не беа никаква закана за политичарите во БиХ. Тие не гласаат, не излегуваат на избори, па дури често активисти и познати личности ја повикуваа оваа популација да ги бојкотира изборите, бидејќи никој од актуелните политичари „не го заслужува нивниот глас“.
Зошто тогаш не се создаваат нови партии? Експертите оценуваат дека на политичката сцена во БиХ ѝ е потребно освежување. Можат ли младите да го понудат тоа освежување? Филозофот и социолог Драган Бурсаќ вели дека тоа би било најлогичното и идеалното сценарио.
„Откако ќе се организираат и ја покажат својата сила, стекнат доверба, таа нова памет е потребно и партиски да делува, да исплива на политичката сцена. Тоа би требало да биде крајно решениер и исход од таа борба. Меѓутоа, со ова темпо, тоа кај нас ќе се случи за некои 30 години“, оценува Бурсаќ.
Малкумина се оние кои веруваат во младите луѓе и нивната придвижувачка сила, без оглед за каков активизам да станува збор – општествен или политички.
Пензионерите – најактивен дел од општеството
Дваесет и двегодишниот Стеван Станчиќ од Бањалука смета дека младите во БиХ не знаат да се организираат, па каков проблем и да имаат.
„Ја немаме таа култура, не реагираме. Јас сум оптимист и верувам во промени, но тоа ќе оди многу бавно. Најжално е што пензионерите ни се поактивни, поподготвени за иницијатива. Младите се активни само на Фејсбук“, додава Стеван.
Поради омразата која се таложи веќе 20 години во БиХ тешко може да се дојде до промена преку ноќ, смета Дражана Лепир, претседателка на здружението на граѓани „Остра нула“.
„Мораме да работиме на тоа еден ден да биде подобро, да не ни се повторува трагичната историја. Тешко е, ама не би била во ова да не мислам дека младите би можеле нешто да променат. Активистка сум веќе долго време и немам намера да се откажам“, вели Лепир.
Заспана младина
Повеќепати се покажа дека јасната цел и заедничкиот проблем, којшто треба да се реши, можат да ја подигнат заспаната младина. Новинарот Елвир Падаловиќ го наведува примерот од пред неколку недели, кога студентите реагираа за програмата „Еразмус +“. Тогаш тие дојдоа и до одредени резултати.
„Иако ова општество е длабоко поделено, тие поделби избледнуваат кога пред нив се наоѓа јасна неправда, која требаат заеднички да ја исправат“, оценува новинарот Падаловиќ.
Активистот Дражен Црномат верува дека најважно е знаењето и образованието.
„Младите мораат да работат на себе, да се едуцираат, но надвор од образовните установи. Неопходно е да излезат од училниците, лабораториите, кабинетите и знаењето да го бараат на други места. Формалното образование од овие луѓе овде прави монструми подобни за политичките елити“, оценува активистот Црномат.
Тој исто така смета дека е важен политичкиот ангажман на младите.
„Денес тие се сосема аполитични и незаинтересирани. Ако ја погледнеме Втората светска војна, момчињата и девојчињата од 17 или 18 години учествувале во важни процеси. Денес оние кои излегуваат на улица и се обидуваат нешто да променат, главно, се постари од 30 години“, вели Црномат.
Студентката Богдана Чеко е огорчена од своите врсници. Таа вели дека младите не знаат како и не сакаат да го изразат своето незадоволство.
„Нашите најголеми борци за реформи се пензионерите. Немам оправдување за младите луѓе. Ужасно се пасивни. Молчат, се плашат да кажат што мислат, а животот поминува, па оние помалку интелигентните одлучуваат за нивниот живот. Очигледно уште не им е доволно лошо за да се подигнат“, вели студентката Чеко.
Најактивни млади - хулигани
Социологот и филозоф Бурсаќ истакнува дека најактивниот дел од младите луѓе се всушност хулигани.
„Видовме во минатите денови на што се сведува нивната активност – на рушење и палење. Оние кои би требале да бидат активни се студентите, интелектуалната младина. За жал, тие пасивно седат пред компјутерите и гледаат што се случува. Не гледам дека младите во скоро време ќе се организираат, ќе се бунтуваат и ќе работат на решавање на некој проблем, а посебно не гледам дека можат да постигнат некој резултат. Не сум песимист, туку објективно гледам на реалноста“, вели Бурсаќ.
Но, постојат и примери на активни млади луѓе. Таков е Никола Дроњак, основач на здружението „Слободна република“. Тој околу себе собра врсници и студенти на кои, како што вели, им е преку глава од криминалот и корупцијата. Основната цел на „Слободна република“ е рушење на власта во Република Српска, вели Дронјак, додавајќи дека граѓаните почнале да им пријавуваат многу малверзации. Тој е сигурен дека неговиот телефон се прислушува, имал непријатни сослушувања во полиција, но вели дека никој нема да го запре и заплаши.