Младите доселени Евреи од Источна Европа преземаат одговорност за религиозниот живот
6 ноември 2008Околу 190.000 еврејски доселеници дојдоа во Германија од Источна Европа по распадот на Советскиот сојуз. Меѓу нив беа и Јевгениј Зингер и Ирина Розензафт. И додека нивните родители речиси и да не знаеја што значи да се биде Евреин, Јевгениј и Ирина целосно се идентификуваат со сопствената религија и сакаат своите верувања активно да им ги пренесат на помладите генерации.
Евреите во Советскиот сојуз речиси и да немаа контакт со религијата
Ирина Розензафт имаше 12 години, беше бесна и не ги разбираше своите родители: „Кога слушнав дека моите родители донеле одлука да емигрираат во Германија, а не во Израел, тоа за мене беше налик на катастрофа“.
За родителите на Ирина меѓутоа преселбата од Украина во Германија беше прагматична одлука. Овде животот беше посигурен отколку во Израел, а Германија и дополнително им го олесни доселувањето. Покрај тоа родителите на Ирина не беа приврзани кон нивната религија. Исто како и родителите на Јевгениј Зингер:
„Токму нашите родители и’ припаѓаа на генерација, која имаше сосема мал контакт со еврејството. Тие оделе во советско училиште, каде секој ден се велело дека нема Бог и оти религијата не е добра. Не верувам дека моите родители верувале во тоа. Ценам дека тие се паметни луѓе, но едоставно немале голем избор.“
За еврејството дознававме од бабите и дедовците
Во Советскиот сојуз религијата беше потиснувана. Евреите не смееја да ја практикуваат својата вера и беа прогонувани. Она нешто малку, што Јевгениј и Ирина го знаеја за еврејството до распадот на Советскиот сојуз, го беа научиле од нивните баби и дедовци: „Значи до 1991. - 1992. година нормално знаев дека сум Евреин. Меѓутоа, тоа всушност првпат го дознав, кога имав четири години, зашто постојано прашував: кои сме ние всушност? Луѓето надвор се Руси, Украинци, а ние? И баба ми ми рече: Ние сме Евреи!“
Дури по 1990. година во Украина повторно беа отворени синагоги. Во земјата дојдоа еврејски организации, беа основани еврејски училишта, кои ги посетуваа Ирина и Јевгениј. По преселбата кон Германија и двајцата започнаа да се ангажираат за својата заедница. Јевгениј дојде во Франкфурт и започна многу да чита за еврејството и знаењето им го пренесуваше на родителите. Заедно со нив тој посетуваше семинари за еврејската култура и беше активен во младинската секција на еврејската заедница.
Живот според еврејските правила
Ирина по нејзината преселба во едно мало место во германската покраина Шлезвиг-Холштајн водеше еден еврејски младински центар, а кога дојде на студии во Франкфурт и таа како и Јевгениј стана член на управниот одбор во еврејското младинско и студентско здружение во покраината Хесен. Нејзините родители сметаа дека таа премногу се ангажира на религиозен план и стравуваа дека политичките студии би можеле да страдаат поради тоа. Меѓутоа Ирина не е подготвена помалку да се ангажира: „Веќе денес ние преземаме одговорност за наредната генерација и за целиот еврејски живот во Германија и јас го гледам тоа како моја лична задача и како мој начин да бидам Еврејка.“
Ирина и Јевгениј се чуствуваат одговорни за еврејството и сакаат тоа и натаму да живее. Меѓутоа нивниот ангажман е невообичаен. Студенското задружение во Хесен има преку 500 членови. Секоја недела во Франкфурт се нуди традиционална прослава на Шабат, се организираат приредби за еврејската култура и традиција, дискусии за дијалогот со други религии или забави и заеднички кино посети. Ирина и Јевгениј веќе одамна живеат според еврејските правила и во меѓувреме чувствуваат еврејски идентитет, кој речиси и да не можат да го опишат, но затоа повеќе не би сакале да се откажат од него.