1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите Босанци сонуваат за Германија

Даниел Хајнрих / З. Јордановски4 јули 2016

Босна и Херцеговина е класификувана како „безбедна земја”, но економијата е во очајна состојба. Затоа токму младите луѓе сакаат да ја напуштат земјата. Даниел Хајнрих во Сараево разговараше со неколкумина од нив.

https://p.dw.com/p/1JAWO
Учесници на курс по германски јазик во Гете-институтот во СараевоФотографија: DW/D. Heinrich

Просториите на Гете-институтот во Сараево се наоѓаат на третиот кат во една бетонска зграда со социјалистичка архитектура, лифтот не функционира. Внатре е топло. Дина Ризво строго води сметка - црвениот кармин добро ѝ стои, испегланото летно фустанче исто така. Од пред три години 26-годишната Дина работи како наставничка по германски. Никогаш немала толкава навалица од кандидати за нејзиниот курс како сега.

„Бројот на учесници расте од година во година. Доаѓаат различни луѓе“. Дина раскажува дека оние, кои сакаат да му се придружат на брачниот партнер во Германија, посетувааат само базичен курс по германски во Сараево, а потоа таму продолжуваат со учење на јазикот. „Но има и луѓе со завршен факултет, правници кои се преобучуваат за негуватели на болни и се подготвени во таа струка да работат во Германија”.

Германија е омилена и тоа не само оти многу луѓе од Босна побегнаа таму за време на војната во Југославија. За младите Босанци посебно е привлечен Берлин. Но, фасцинацијата од Германија и Европа воопшто не би била толку голема, ако ситуацијата во сопствената земја не би била толку лоша. Карстен Димел, раководител на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Сараево, дава катастрофална оцена за образовниот систем во БиХ: „За жал, во образовниот систем од детска градинка до универзитет треба многу работи да се подобрат”. Во Босна жалат по минатото и владее сфаќањето дека порано образовниот систем во Југославија бил примерен.

Bosnien Sarajevo Dina Rizvo Lehrerin für "Deutsche Sprache" am Goethe Institut
Дина Ризво, наставник по германски јазик во Гете-институтотФотографија: DW/D. Heinrich

„Брејн дрејн“ на висококвалификуваните

Како последица на политичката неактивност, босанските универзитетски дипломи често не ги признаваат во странство. Во земјата тешко се наоѓа работа, невработеноста кај младите со години изнесува околу 60 проценти. Тоа води дотаму, што често и висококвалификувани се преобучуваат за да имаат шанса да најдат работа во странство.

Лејла Ибишевиќ од пред два месеца учи германски, како и многумина од нејзината генерација. Таа студирала политикологија, сега три пати во неделата доаѓа на по пет часа во Гете-институтот: “„и сакала да работам во Германија како медицинска сестра, оти во Босна не можам да најдам работа”. За срамежливата 26-годишна Лејла тоа не е лесно решение: „Овде сум родена, овде израснав, овде ми е целото семејство, сите мои пријатели. Во Германија немам никого”, вели таа тивко.

Лејла Ибишевиќ е учесник во програмата „Трипл вин“ (тројна добивка – н.з.) на Друштвото за меѓународна соработка. Со таа програма германската сојузна влада се обидува да го покрие недостигот од стручен кадар за нега на немоќни лица во Германија. Таквите програми се добри за Германија, но не и за БиХ – Светската банка проценува дека во процесот на „брејн дрејн” (одлив на мозоци, т.е. отселување на образовани лица – н.з.) во изминатите години БиХ ја напуштале по речиси 10.000 висококвалификувани лица годишно. За земја со само четири милиони жители тоа е катастрофално висока бројка.

Karsten Dümmel KAS in Sarajevo
Карстен Димел, раководител на фондацијата „Конрад Аденауер“ во СараевоФотографија: DW/D.Heinrich

Членство во ЕУ: светлина на крајот од вечниот тунел

Олаф Дојсен работи во Бирото за врска на ЕУ во Сараево. Тој раскажува за позитивниот имиџ што го има ЕУ во Босна: „На луѓето им гори под ноктите во економски поглед. Невработеноста во земјата е екстремно висока, што значи дека прва желба на луѓето е да имаат работа”, вели тој. „Ако се погледа што постигна ЕУ последните години токму во Југоисточна Европа, тоа би можело да биде пример и за Босна”.

Со тоа се согласува и Карстен Димел. Но, тој предупредува од преголема еуфорија во споредба со напреднатиот процес на ЕУ-интеграција на соседот Србија: „Членство во ЕУ е светлина на крајот од тунелот. Но, тој тунел е многу долг, патот до ЕУ многу далечен. Ако сакате пример за тие тешкотии, тоа е како да треба пеш да го поминат големиот тунел под Алпите”.

Дина Ризво има многу разбирање за своите ученици. И таа понекогаш помислува да ја напушти земјата, оти со примањата како наставничка успева само да преживее: „Кога луѓето се веќе пет години невработени, и јас на нивно место би го сторила истото – би се отселила во Германија за да имам подобра иднина. Ако овде не најдам работа, нема никаква причина зошто би требало да останам”.

Нејзините ученици се согласуваат со ова. Строгиот поглед на госпоѓа Ризво и нивната посветеност на учењето не оставаат никакво сомневање дека се со сериозна намера да научат германски.