1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Изгубена година, со назадување

31 декември 2018

На барање на ДВ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ направи селекција на позитивни и негативни настани во 2018 година, и на најголемите очекувања во 2019.

https://p.dw.com/p/3AoNi
Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski

„Годината што изминува на политички и општествен план можам да ја оценам како една изгубена година за државата и за граѓаните на Република Македонија, година на политички потреси, назадување и разочарувања. Ова беше година кога наместо напредок, повторно се продлабочуваа разликите, поделбите и наместо на продуктивни работи - енергијата се трошеше на прогон и притисоци“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и го посочува неговиот избор на негативни настани.

1. Капитулантскиот Договор и промената на Уставот;

Во однос на неуспесите, на прво место би го посочил капитулантскиот договор, промената на уставот со цел промена на името на државата, и целиот спектрум на негативни влијанија кои тој Договор ги носи, почнувајќи од длабокото задирање и промена на идентитетот, па сѐ до толкувањето кое ќе се прави на историјата, културата и археологијата. Практично се донесе мошне неквалитетно решение на штета на граѓаните и државата, целосно погрешен начин на водење преговори кои резултираа со штетен Договор.

2. Неуспехот во економијата и продлабочената сиромаштија;

Имаме година без инвестиции и со забележан одлив на странски инвестиции, крах на градежништвото, година кога платите и пензиите не растеа, а сиромаштијата процентуално се зголеми. Граѓаните не го добија ветеното од Владата, а изгледите се дека годината што следи - ќе биде полоша. Тука во прв план ги ставам зголемените даноци кои ќе удрат по сите граѓани, а највеќе по средната класа.

3. Политичкиот прогон и притисоците насочени кон опозицијата;

Механизмите преку кои тоа се прави, подразбира дека граѓаните добија судство кое е целосно зависно, и обвинителство кое работи по препораките на премиерот, кој однапред ги знае одлуките на третата на власт. И во една таква консталација, преку политичките притисоци, и луѓето кои подлегнаа на нив, практично оваа власт се пазареше за нејзино одржување.

Во изборот на негативни настани, Мицкоски посочува и други.

„На четврто место сосема кусо би го спомнал недобивањето датум за преговори со ЕУ, скандалите и криминалните афери на Владата, меѓу кој црниот Вотергејт на Заев и прислушуваното обвинителство и судство, криминалните иновации, криминалните тендери во здравството, како и слабото 112-то место на индексот за борба против корупцијата, заедно со Танзанија и Етиопија. На планот на успесите, оваа година навистина беше сиромашна“, констатира Мицкоски.

Луѓето и волјата прават чуда

Наспроти политичките неуспеси, како позитивни настани во 2018 година тој ги издвојува индивидуалните и колективни успеси на луѓето кои покажале дека се можни чуда.

1. Дванаесетгодишниот Марко Пејчиноски кој го преплива Охридско Езеро;

Тој покажа дека кога се има нескршлива волја и желба, сѐ е остварливо. Тој ги победи пречките кои му го предизвика нарушеното здравје и оствари значаен резултат.

2. Златните одликувања на македонската карате репрезентација и медалите на Теквондо репрезентацијата;

3. Процес на регенерирање на ВМРО-ДПМНЕ;

На внатрешно партиски план, би посочил дека имавме процес на регенерирање на партијата и нејзино зацврстување, и покрај разидувањата со одредени поединци и структури, предизвици кои секогаш, како и во минатото, така и денес ВМРО-ДПМНЕ ја правеле посилна.

Тешко до прогрес со оваа Влада

Најголемите желби и очекувања на Мицкоски за 2019 година се насочени кон напредок во реформите, економијата и стандардот на граѓаните.

1. Прогрес во реформите;

На планот на очекувањата за периодот што следи и желбите, би посакал да имаме година во која ќе биде направен потребниот прогрес во реформите кои досега не ги видовме, за да се отпочнат преговори со Европската Унија.

2. Нови перспективи за економијата;

Би сакал конечно на македонската економија да ѝ тргне, да се отворат нови перспективи и да се осигура стандардот. Да се намали невработеноста. Ова се моите желби, но морам да бидам реален и да кажам дека шансите за да се оствари ова со оваа Влада на чело се минимални. Затоа, за Македонија и граѓаните ќе биде најцелисходно таа да си оди.

3. Колективни успеси во спортот и културата;

Би сакал да имаме колективни успеси во спортот и културата, затоа што се покажа дека тие знаат да бидат вистински амбасадори на Република Македонија.