1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Митот Шилер

10 ноември 2009

На денешен ден, 10 ноември, во 1759 година е роден еден од најголемите германски книжевници Фридрих Шилер. 250 години потоа, тој останува мит и легенда како што беше и за време на неговиот живот.

https://p.dw.com/p/KS98
Фридрих ШилерФотографија: AP

Класикот Фридрих Шилер веќе одамна не е бестселер-автор. Тој полека исчезнува од училишните книги. Во Германија, сепак и натаму голем број училишта, улици и плоштади го носат неговото име. Тие се сведоци за едно време, кога респектот кон писателот беше општествена обврска, времето кога се рецитираа неговите стихови и дела, а неговите споменици се сметаа за светилишта. Шилер беше почитуван и додека беше жив. Величањето доживеа кулминација кон средината на 19 век. Тоа беше времето на подемот на граѓанската класа пред модерната и времето кога првите демократски револуции водеа кон формирање национални држави.

На 10 ноември 1859 година ширум земјата се прославуваше стотиот роденден на Фридрих Шилер:

„Насекаде, до најмалите гратчиња, се одржа свечен час, спонтано. Учителите, пастирите и учените ги водеа манифестациите. Се одржуваа улични поворки во кои беа вклучени и првите работнички здруженија.Сето навистина било како во занес. Мора да се каже дека тоа е најмасовниот фестивал што воопшто се одржал во Германија во 19 век.“

Contentbanner Schiller 250 Jahre

Шилер имаше големо чувство за општеството, политиката и естетиката

Занес со политички намери, појаснува келнскиот историчар Ото Дан. Само десет години претходно пропадна револуција од 1848 година. Во Германија се’ уште владееја војводите. Идејата за германска национална држава не беше заборавена. Писателот Фридрих Шилер роден пред сто години, починат во 1805 година, се’уште беше почитуван со голема жар и се сметаше за олицотворение на отпорот против владеачкиот апсолутизам.

„Човек, кој секогаш се трудеше да се справи со своето време и кој поседуваше големо чувство за неговото општество, за политиката и за естетските пршања.“

Подоцна, новонастанатото германско работничко движење во Шилер откри другар на работничкиот народ.

„Во ова еманципаторско движење беше сублимиран републиканскиот дух на првата половина на 19 век. 9 симфонија со Одата на радоста на Шилер израснаа со работничкото движење. Секогаш се изведуваа за Нова година.“

Фридрих Шилер беше мит и легенда уште во текот на неговиот живот

Неговите театарски дела ги придвижуваа луѓето, а предавањата на Шилер на универзитетот во Јена беа магнет за публиката. Но, тој не беше величан само во Германија. Поетот беше познат и надвор од границите на германските кнежества. Француското национално собрание го прогласи за почесен граѓанин на Франција. Данските благородници парично го помагаа вечно задолжениот Шилер.

„Шилер, за најважните европски нации напиша драми кои ја обработуваат нивната национална историја. ’Дон Карлос’ за Шпанија, ’Вилхелм Тел’ за Швајцарија, ’Марија Стујуарт’ за Англија. Почина пишувајќи го ’Деметриус’ за Русија.“

Deutsche Bank Zentrale mit Friedrich Schiller
Бистата на Шилер што се наоѓа во паркот пред седиштето на „Дојче Банк“ во ФранкфуртФотографија: AP

Во дваесетиот век дојде до пропагандистичко присвојување на Фридрих Шилер, негова инструментализација за националистички и национални цели. Во 1934 година националсоцијалистичката партија ги мобилизираше младите на Хитлер за величање на Шилер.

„Фридрих Шилер, Фридрих Шилер, ние го почитуваме Шилер како пример за секој поединец, бидејќи тој со сиот жар се предаде на неговите задачи!“

Ова форма на возвишување не траеше долго, иако во 1940 година беше снимен и пропаганден филм насловен „Фридрих Шилер“. Слободарскиот дух на Шилер не одговараше на идеологијата на националсоцијализмот, вели историчарот Дан и потенцира дека Шилеровите дела дури беа и забранети од Хитлер - пред се’ неговиот ’Дон Карлос’.

Кога по војната се етаблираа две германски држави, се роди нешто како културно политичка конкуренција околу наследството на Шилер. Не е ни чудо, бидејќи како на Истокот, така и на Западот постојат места што се врзуваат со Шилер.

„Во 1955 година Томас Ман беше поканет од владата на ГДР и од Сојузна Република Германија да одржи говор. Беше и во двата града - прво во Штутгарт, а потоа и во Вајмар и го одржа истиот говор.“

Драмскиот опус на Фридрих Шилер го издржа забот на времето и политичките превирања, а доказ за тоа се ценетите нови поставки на неговите дела на европските бини.

Автор: Коренлија Рабиц / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска