Мировниците на ОН во судир со сириските бунтовници
29 август 2014Сириските бунтовници држат во обрач филипински мировници на Голанската висорамнина и бараат од нив да го предадат оружјето, откако вчера како заложници беа земени 43 војници од Фиџи. Околу 75 филипински војници одбиваат да ја предадат контролата врз две контролни кули на сириската страна од границата, и се подготвени да се борат против бунтовниците, соопшти нивната команда во Манила.
Сириските бунтовници предводени од борци на радикалниот Ал Нусра Фронт вчера го нападнаа граничниот премин кон Израел на Голанската висорамнина, што доведе до судир и со израелските сили.
ОН соопштија дека преговараат за ослободување на мировниците. Советот за безбедност остро го осуди нападот врз мировниците и побара итно ослободување на заложниците. Претставници на ОН велат дека задача на мировниците е да ја набљудуваат ситуацијата. Тие се најчесто вооружени само со лесно оружје кое може да биде употребено само во екстремни ситуации.
Израел окупираше голем дел од Голанската висорамнина во војната во 1967 година. Оттогаш Сирија и Израел технички се во војна. Набљудувачите на ОН имаат задача да го следат почитувањето на примирјето потпишано во 1974 година.