1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Мирно пред Собранието по „црниот четврток“

СН/ агенции
28 април 2017

Во Скопје претпладнево беше мирно, по вчерашното насилство во македонскиот парламент, во кое според МВР повредени биле повеќе од 100 лица.

https://p.dw.com/p/2c3wE
Mazedonien Skopje Protestcamp vor Parlament ((c) DW/Kostadin Delimitov)
Фотографија: (c) DW/Kostadin Delimitov

Пред македонското Собрание во утринските и претпладневните часови беше мирно. Улицата пред Собранието, како што јави дописникот на ДВ,  е блокирана за сообраќај, а во текот на утрото пред зградата на парламентот се распоредени дополнителни полициски единици и метални барикади. Пред зградата немало собрани граѓани, освен оние неколку шатори во кои ноќта ја минаа приврзеници на движењето „За заедничка Македонија“,  кое ги предводи демонстрациите, кои синоќа прераснаа во безредија и насилство . Симпатизерите на граѓанската иницијатива, која се противи на изборот за претседател на парламентот и на новата влада, шаторите ги поставија ноќеска и најавија дека ќе останат таму „колку што е потребно“, за да ја „одбранат Македонија“.

Mazedonien Skopje Ausschreitungen Parlament Polizei
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Министерството за внатрешни работи на Македонија извлече првичен биланс од насилство во Собранието, соопштувајќи декаа се повредени над 100 лица. Како што се наведува, во двете најголеми скопски болници ноќеска до 23.30 часот лекарска помош побарале 70 граѓани, 22 полицики служебеници и тројца пратеници. Дополнително во касарната „Ѓорче Петров“ лекарска помош им била укажана на уште 7 лица.

Телевизиските камери во Собранието снимија сцени на насилство досега невидени во историјата на парламентарната демократија на Македонија. Разгневените насилници меѓу демонстрантите од движењето „За заедничка Македонија“ нападнаа и повредија повеќе народни избраници и новинари, некои од нив и потешко.

Мачна вечер на насилство во Скопје

Во немирите кои избувнаа кога во македонскиот парламент влегоа симпатизерите на „За заедничка Македонија, повредени беа лидерот на СДСМ и кандидатот на парламентарното мнозинство за премиер Зоран Заев, повеќе функционери од партијата, меѓу кои и заменичката претседател Радмила Шеќеринска, Хари Локвенец, Дамјан Манчевски како и лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, кој е префрлен во приватна клиника.

Безредијата започнаа околу 19 часот, откако парламентарното мнизинство, кое го сочинуваат СДСМ и албанските партии ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците, го избраа Талат Џафери за претседател на Собранието, со противење на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.