1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мирно и без неправилности

Горан Петрески22 март 2009

ДИК соопшти дека до 13 часот своето избирачко право го оствариле околу 26 насто од македонските гласачи. Освен помали неправилности, регистрирани од МОСТ, ДИК е задоволна од досегашниот тек на изборите.

https://p.dw.com/p/HHIQ
Избирачките материјали не можеа да бидат транспортирани до неколку планински местаФотографија: AP

Единствен проблем досега е снегот, кој ги оневозможи изборите на неколку планиниски места. Поради ова, гласањето на околу стотина избирачки места ќе биде поништено. Државната изборна комисија (ДИК) во 14 часот ги соопшти податоците за одзивот до 13 часот. Александар Новаковски, претседателот на ДИК, изјави:

„Бројот на избирачи, кои до 13 часот гласале на претседателските избори, е 403.722 лица, односно 26.2 насто од избирачите. Што се однесува до локалните избори, правото на глас до 13 часот го оствариле 402.902 избирачи, или 26.2 насто“, рече Новаковски.

ДИК: „Се` е во најдобар ред“

Wahlen Mazedonien
Изборите го поставуваат идниот курс на земјатаФотографија: AP

Набљудувачите на граѓанската асоцијација МОСТ забележале неколку ситни неправилности со кои е нарушен предизборниот молк или текот на гласањето, а податоците за одзивот што ги соопшти МОСТ се речиси идентични со иние на ДИК.

И покрај забелешките од МОСТ, претседаетелот на ДИК е задоволен од досегашниот тек на изборите:

„Општата оценка ќе ја дадеме покасно, но според мислењето на членовите на ДИК, гласањето досега се одвива во најдобар ред“, истакна Новаковски.

Судбински избори

Најголем проблем за изборите претставува снегот, кој во изминативе два дена ја покри Македонија. Дури 103 избирачки места не се отворени поради завеаните патишта. Во овие избирачки места, според податоците на ДИК, има запишано околу дванаесет илјади гласачи, што претставува еден процент од вкупно запишаните.

Меѓународната заедница ги оцени претседателските избори во Македонија како судбински за европските перспективи на земјата. Странските набљудувачи не очекуваат изборите да поминат само без инциденти, туку тие да бидат фер и демократски - во согласност со сите меѓународни стандарди.