Милановиќ го доби мандатот за составување влада
14 декември 2011Првата седница на владата на премиерот Зоран Милановиќ би требала да се одржи на 3-ти јануари во знак на сеќавање на победата на СДП во 2000-та година под водство на покојниот претседател на СДП Ивица Рачан, на кого Милановиќ, како што кажа во изборната ноќ, му ја посвети победата на овие парламентарни избори.
Зоран Милановиќ во Пантовчак, седиштето на Претседателот на Република Хрватска, го донесе доказот дека коалицијата Кукурику освои повеќе од половина од местата во Саборот, односно 80 пратенички места.
„Во среда ќе го врачам мандатот на победникот на изборите и со тоа влегуваме во период во кој ќе се продолжи нормалниот политички живот во Република Хрватска“, изјави претседателот Иво Јосиповиќ, откако доби официјални и конечни изборни резултати од претседателот на Државна изборна комисија Бранко Хрватин.
Коалицирањето се исплати
Целата процедура за формирањето на новата влада во Хрватска се развлече поради неколку приговори на изборната постапка, кои и онака не би влијаеле на конечните резултати. Тие покажуваат, како што забележа политикологот Бошко Пицула од загрепскиот Факултет за политички науки, дека и покрај тоа што четири партии од коалицијата добија помал број на гласови од изборите во 2007-ма година, сепак на коалицијата Кукурику и се исплатеше коалицирањето со оглед на тоа дека немаше т.н. пропаднати гласови.
За разлика од нив, на ХДЗ не и се исплатеше коалицирањето со Демократскиот центар и листата на сплитскиот градоначалник Жељко Керум, бидејќи со самостојно излегување на избори би освоиле поголем број на мандати.
Во седмиот состав на Саборот влегуваат и Хрватските лабуристи, кои играа на карта на заштита на работниците, а со еднаков број мандати како и нив влегува и ХДССБ, партијата чиј почесен претседател Бранимир Главаш е во босанско-херцеговачкиот затвор поради пресуда за воени злострорства. Со таквиот Сабор, во кој има уште неколку пратеници од други партии и осум претставници на националните малцинства, ќе претседава Борис Шпрем од СДП. Три потпретседателски места ќе припаднат на коалицијата Кукурику, едно на ХДЗ, за петото место мораат да се договорат останатите партии и поединци.
Крв, пот и солзи
Сигурно е дека новиот премиер Зоран Милановиќ ќе нема проблем со поддршката во Саборот, иако ХДЗ најавува дека нивната работа во Саборот ќе ја претвори во пекол, односно жестока критика. Поголем пекол ја очекува владата во решавањето на економската стагнација, привлекувањето на странскиот капитал, зачувување на кредитниот рејтинг, намалување на невработеноста и кратење на неликвидноста.
На Милановиќ во таа работа најмногу би требало да му помогнат потпретседателите на владата задолжени за економијата – Радимир Чачиќ од ХНС, економскиот стратег од СДП Бранко Грчиќ, како и министерот за финансии Славко Линиќ. Нема помала работа ниту пред министерот за транспорт и врски Златко Комадин, за градежништво Иван Врдољак, енергетика Звонко Мршиќ, за мало и средно претприемништво Гордан Марас и земјоделие Томислав Јаковин.
Синдикатот на полицијата најави дека за божиќните празници, кога во Хрватска доаѓаат најмногу граѓани од странство, ќе одржи бел штрајк, ако не им се исплатат во целост т.н. божиќни бонуси. Истото го бараат и другите државни службеници, како и вработените во јавните служби. Таквите и бројни други барања ќе ја дочекаат потпретседателката на Владата задолжена за социјални и општествени прашања Миланка Опачиќ, министерот за работа и пензија Миранда Мршиќ, за здравство Рајко Остоиќ, за наука и образование Жељко Јовановиќ, но и за бранителите Предраг Фред Матиќ.
Во владата треба да седи и министерот за одбрана Анте Котромановиќ, полиција Ранко Остоиќ, за туризам Вељко Остоиќ од ИДС, за правосудство Орсат Миљениќ, за култура Андреа Златар, за управа Арсен Баук, за дипломатија Весна Пусиќ. Сите нив би требало да ги координира потпретседателот на владата Невен Мимица, задолжен за внатрешна и надворешна политика, како и за европски прашања.
Погрешна порака
Место во владата очекува и првиот човек на СДСС Милорад Пуповац, кој тоа им го изјави на српските медиуми. Деканот на Факултетот за политички науки Ненад Закошек истакнува дека давањето место во владата на претставникот на српската заедница, па дури и без портфељ, би било праќање на погрешна порака.
„Среќна околност е што коалицијата Кукурику, поради мнозинството во Саборот, не е принудена на политичка трговија, каква што мораше да прави Иво Санадер, па сметам дека треба да се одвои политичката одговорност на владата од позитивната дискриминација на националните малцинства, на пример со закон пропишаните места во локалната и државната администрација“, појаснува Закошек.
И Закошек и останатите аналитичари сметаат дека веродостојноста и ефикасноста на Владата на Милановиќ ќе зависи од тоа дали се подготвени сложно да делуваат и дали ќе прифатат дијалог со сите чинители во општеството.
„Ако ги сослушаат предлозите од цивилното општество и претприемачите, кои срочија цела низа на мерки, како и ако најдат одговор за приоритетните потези за смалување на трошоците во државниот буџет, тогаш владата може да очекува полна поддршка од граѓаните“, заклучува Закошек.
Општа е оценката дека граѓаните не се еуфорични, како што беа по изборите во 2000-тата година и победата на коалицијата на Рачан, веројатно поради тоа што се свесни дека ниту тогаш се промени нешто, а ниту сега нешто многу од тоа нема да се промени.
Автор: Гордана Симоновиќ/ Александар Методијев
Редактор: Александра Трајковска