Меѓуетничките кавги ги блокираат бизнисите во БиХ
5 октомври 2013Неџад Биберовиќ и неговиот раководител на производство се многу лути. Биберовиќ е Бошњак и менаџер за прехранбени производи. Еден од неговите производи е пилешката паштета.
Неговата фирма е еден од најголемите работодавачи во БиХ, создава нови работни места. Барем досега. Но, новата фабричка доградба е сосема празна.
Инвестиција од 10 милиони евра, планирана за извоз во соседна Хрватска. Меѓутоа од јули годинава е јасно - нема ништо од овој бизнис.
„Бизнисот растеше. Секој ден, дури и сега добиваме електронска пошта. Муштериите прашуваат - што се случи со вашите кокошки, со вашите производи? Тоа се одлични производи со добра цена! Што да им кажам сега? “, се прашува Биберовиќ, маркетинг менаџер на фирмата Акова импекс
На штета на сопствената економија?
Од јули Хрватска е членка на ЕУ и за неа важат европски правила за увоз, посебно за прехранбени производи. ЕУ кај сите трговски партнери, па и во БиХ, бара заедничка државна контрола за заштита на потрошувачите.
„Нашата влада не го овозможи тоа. Не подготви ништо, не подготви ни документи, ниту печати со кои државата ќе гарантира дека нашите производи се подготвени за ЕУ“, вели Биберовиќ.
Во Сараево, главниот град на БиХ, земја на Бошњаци, Хрвати, Срби, која е лабоко поделена, состојбата е постојано тешка од крајот на војната пред 18 години.
Имаат ли политичарите во седиштето на владата и на парламентот, сега намера да не ги почитуваат и правилата за 500 милиони потрошувачи во ЕУ, на штета на сопствената економија? Тоа звучи како горка шега.
Љубомир Калаба е Србин и директор на државниот завод за ветеринарство. Тој би морал да го дава печатот за извоз погоден за ЕУ. Но не може.
„Оваа работа требаше да започне да се подготвува уште пред неколку години. Факт е меѓутоа дека за донесување или за измени на какви било закони и прописи во БиХ, неопходна е согласност од ентитетите и надлежните тела и оти тоа ја компликува ситуацијата при донесувањето на какви било акти.“ , вели Калаба.
Да биде јасно: станува збор за живинарски производи и нивните извозни документи за ЕУ. Ни повеќе, ниту помалку .
Абдулах Тутмиќ е Бошњак и одгледува живина: произведува за фабриката за паштети. Тој очајува. „Државните институции не ја извршија својата работа. Ние живинарите направивме сѐ што можевме“, вели Тутмиќ.
Светот свртен на глава
Живинарите се чуствуваат искубани како нивните птици. Абдулах наведува пример: пред некое време аплицирал за државни субвенции. Притоа со него зборувал партиски пријател на министерот за земјоделство, кој му дал писмена понуда.
„Ми бараа половина за партијата, половина за мене. Згора на тоа, уште 15 проценти за личноста која би ми помогла да добијам капитални вложувања, така што јас би добил само 30 насто од средствата“, раскажува Тутмиќ.
На ваквото прашање, министерот, инаку Хрват, вели дека е тоа само дрдорење. Тој се смета како жртва на кампања.
„Тие се обидоа целата моја работа, целата активност да ја дискредитираат, обвинувајќи ме токму мене за злоупотреби, но тоа не им наиде на плодна почва, бидејќи ние во мојот мандат воведовме транспарентност“, вели министерот за земјоделство во Бошњачко-хрватската федерација Јерко Ивановиќ Лијановиќ.
А проблемот со извозот во ЕУ?
„Тој проблем може да се реши во еден ден. Советот на министри и парламентот можат во еден ден да донесат сѐ што треба да се донесе и да се имплементира за да имаме извоз во ЕУ. Но нема политичка волја“, вели Лијановиќ
Владимир Узорац, претседател на здружение на млекопроизводители од Република Српска, пак, се надоврзува:
„Се разбира дека е проблем што нашите политичари не ги создаваат предусловите. Но, ни ЕУ не ги принудува на тоа!“
Светот свртен на глава. ЕУ треба да ја заврши работата на раскараните босанскохерцеговски политичари, за селаните да можат повторно да извезуваат во соседна Хрватска.