1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу повлекување и окупација

Кристијан Игњаци / А.Трајковска30 јули 2014

Со денови израелската армија води копнена офанзива во Појасот Газа. Во меѓувреме таа успеа да изведе стратешки важни операции. Дали ќе следуваат и други, зависи од повеќе фактори.

https://p.dw.com/p/1CmDR
Фотографија: Reuters

По повеќенеделни ракетни напади, на 17. јули израелските трупи вмаршираа во Појасот Газа. Во меѓувреме армијата ги постигна првите успеси. „Многу тунели се веќе уништени“, вели публицистот и историчар Михаел Волфсон за ДВ. Нелегалните премини, кои ги изградија членовите на Хамас за од куќите, детските градиники, болниците, џамиите и училиштата незабележано да преминат во Израел и таму да изведуваат терористички напади, беа важна цел за Израел. Во Појасот Газа имало меѓу 30 и 60 вакви тунели, вели Волфсон. Околу половината од нив биле уништени, „а останатите тунели војниците ќе се обидат допрва да ги уништат, независно од прекинот на огнот. Тоа е одлучувачка воена стратегиска точка“.

Освен тоа, израелската армија, според непотврдени податоци убила 300 до 400 борци на Хамас, рече експеротот за тероризам Ели Кармон за ДВ. Самата армија наведува дека веќе уништила речиси 50 проценти од ракетниот арсенал на Хамас. „Израел политички сака да се обиде да постигне демилитаризација на Појасот Газа под меѓународен надзор“, вели Волфсон.

80 проценти од населението за проширување на офанзивата

Токму затоа Израел би морал да ја прошири офанзивата, дополува Ели Кармон. 80 проценти од израелското население биле за тоа. Бидејќи, решение на блискоисточниот конфликт би било само тогаш можно, кога би било уништено јадрото на Хамас. „Тоа меѓутоа не значи дека Израел ќе ја окупира Газа, оти тоа би довело до натамошни жртви на двете страни“, уверен е Кармон. „Армијата мора да ги прошири своите операции по некои стратешки точки за натамошно да уништува ракети на Хамас“. Дали до тоа ќе дојде, не се знае.

„Нашите трупи веќе имаа големи загуби. Освен тоа, расте меѓународниот притисок со секоја телевизиска слика од убиени цивили во Појасот Газа“. Исто така и американскиот претседател Барак Обама и Европскиот суд за човекови права веќе бараа прекин на огнот. Кармон смета дека може да се случи поради тоа Израел навистина да ги повлече копнените трупи. Михаел Волфсон, напротив, е сигурен дека израелските војници во случај на прекин на огнот нема да се повлечат од Појасот Газа. „Тие ќе останат таму додека не ги уништат сите тунели“.

Gaza Bodenoffensive Israel Soldaten 20.07.2014
Копнена офанзива во ГазаФотографија: Reuters

Натамошен развој наместо експлозија на трошоците

Успешните изгледи во секој случај не зависат од вооружувањето на израелската армија. „Нашaта војска е доволно вооружена, така што не треба да постои загриженост по прашањето кога ќе ни снема ресурси“, вели Ели Кармон. Исто така земјата е подготвена и од финансиски аспект. Една ракетна одбрана државата ја чини 100.000 долари. „Има доволно средства за технологијата дури и натамошно да се развива и тоа и квантитативно и квалитативно“, вели Волфсон.

Ели Кармон дополнува дека соборувањето на ракетите е поевтино отколку повторно да се обнови уништената инфраструктура: „Тоа се гледа и во Појасот Газа, каде во меѓувреме е многу уништено. Таму, меѓутоа, добиваат помош од Катар или од меѓународната заедница, која ние не ја добиваме“.

Од друга страна, станува тесно за Хамас. Тие воена поддршка добиваа од Сирија или Иран. „Сирија е зафатена со граѓанската војна во сопствената земја“, таа „нема да испорача ново оружје“, вели Волфсон. „ И доколку демилитаризацијата на Појасот Газа сериозно се надгледува и Иран нема да може да му помогне на Хамас“.

На повидок не е скорешен крај

Меѓутоа скорешен крај на конфликтот не е на повидок, и покрај воените успеси на израелска страна. „За герилската стратегија на борците на Хамас не е потребно големо оружје“, вели Волфсон. „Освен тоа тие сѐ уште имаат доволно муниција и ракети“.

Пред сѐ Хамас има голема залиха на ракети со долг дострел, дополнува Ели Кармон. „Нив армијата сѐ уште не можеше да ги уништи, бидејќи Хамас ги држи скриени како резерва“. Израелската влада стравува дека Хамас со преостанатото оружје за две три години повторно ќе стартува голем бран насилство, доколку армијата не ја стопира нивната офанзива. Тоа би можело да стане закана и за западните држави, смета Кармон: „Ракетите на Хамас би можеле да паднат во рацета на исламистите во Сирија и во Ирак“, вели тој. „Тоа би довело до тоа, дури и западните држави да стравуваат од поголема закана, отколку пред ескалацијата на овој конфликт“.