1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мета бара запирање на националистичките шпекулации

АМ/миа/макфакс16 декември 2012

Обединувањето на Албанците единствено е можно во ЕУ, изјави Илир Мета, поранешен албански премиер и шеф на дипломатијата. Во исто време, најнова анкета покажува дека 65 проценти од Албанците се за обединување со Косово.

https://p.dw.com/p/173Uz
Илир МетаФотографија: AP

Оценувајќи дека националистичките изјави се надвор од предизвиците и контекстот во кој живеат Албаниците, Мета, кој сега е лидер на партијата Движење за социјалистичка интеграција, која е дел од владата на премеирот Сали Бериша, упати апел да се запре со националистичките шпекулации во Албанија. Според него, неговата партија цели кон интеграција, а не кон конфликти.

Најдлабоката бездна на општеството, според Мета, се наоѓа меѓу политиката на конфликт и соживотот на граѓаните и оти секоја измината минута подалеку од интеграцијата е на штета на албанските граѓани.

„Граѓаните го заслужуваат статусот, а тоа го потврдија со визната либерализација. Граѓаните го скршија скептицизмот на политиката со нивното однесување“, изјави Мета на Конвенцијата на партијата во јужниот албански град Ѓирокастро.

Во исто време со изјавите на Мета стасаа и резултатите од последната спроведена анкета во Албанија. Истражувањето спроведено од агенцијата Култ од Тетово во сто населени места во Албанија, а кое опфатило 1.200 Албанци, покажа дека 65 проценти од испитаниците дале позитивен одговор на прашањето дали Албанија и Косово треба да се обединат. Против се изјасниле 25 отсто од прашаните Албанци.

Анкетата покажала дека за парламентарните избори во земјата, кои ќе се одржат во јуни, највисок рејтинг има опозиционата Социјалистичка партија. Ако парламентарните избори се одржат во овој момент, социјалистите на Еди Рама ќе добијат 36,5 одсто од гласовите, актуелната владејачка партија на Сали Бериша 29,6 отсто, а на трето место е партијата Црно-црвена алијанса на Крешник Спахиу. Движењето за социјалистичка интеграција на Илир Мета би освоило 4,7 проценти од гласовите, додека, пак, партијата на поранешниот претседател Бамир Топи - 4,1 одсто.