Меси осуден на 21-месечна затворска казна
6 јули 2016Лионел Меси, петкратниот најдобар светски фудбалер е осуден на 21-месечна затворска казна од судот во Барселона поради затајување данок. Согласно шпанскиот закон, најверојатно нема да мора да оди на издржување на казната, но ќе мора да плати 2 милиони евра на државата. Неговиот татко Жорге, ја доби истата затворска казна, а ќе мора да плати и 1,5 милиони евра.
Меси и неговиот татко затаиле данок во висина од 4,2 милиони евра во периодот од 2007 до 2009 година преку оф-шор компании во даночни раеви како Белизе, Уругвај и Швајцарија. Преку нив биле прикривани приходите од авторските права на славниот фудбалер, се наведува во пресудата.
Меси на судењето тврдеше дека не знаел оти учествува во криминална активност и дека врши измама. Финансиите ги контролирал неговиот татко.
Меси и неговиот татко претходно веќе платија казна од 5 милиони евра откако обвинителството отвори постапка против нив.