Меркел ја „пеглаше“ кризата во владата
19 февруари 2014Канцеларката и лидер на Христијанско демократската унија, Ангела Меркел синоќа на вечера ги покани претседателите на Христијанско-социјалната унија и на Социјалдемократската партија, Хорст Зехофер и Зигмар Габриел. Меркел сакаше во шест очи да ја реши кризата која трае во коалицијата веќе со денови, а ја предизвика истрагата против поранешниот пратеник на СПД, Себастијан Едати, околу кого се води истрага за поседување детски поргографски снимки.
„Голем оптимист сум дека ќе успееме“, изјави канцеларката пред почетокот на средбата.
„Свесни сме дека коалицијата може да ја врши својата работа само ако во неа владее меѓусебна доверба“, рече Меркел, според која, се работи и за довербата на граѓаните во правната држава и работата на коалицијата.
Меркел половина час разговараше насамо со Зехофер, а потоа им се придружи и Габриел. Што конкретно се разговарало во следните два часа, не е соопштено, договорено е да не се објавуваат информации. Но, со оглед на жестината на аферата претходните денови, дискусијата сигурно била жолчна.
Секој против секого
Сигурно нема да биде лесно без губење на образот да се поведе коалицијата повторно во мирни води.
Уште пред заминувањето за Берлин, претседателот на ЦСУ Хорст Зехофер во Минхен ги потенцираше трите точки кои мора да бидат расчистени: оставката на министерот од ЦСУ, Ханс-Петер Фридрих, „отворените и противречни прашања“ во целата афера и одговорноста. Ова беше формулација која не остава многу маневарски простор. Зехофер не сака едноставно да прифати само неговата партија да мора да поднесе персонални жртви, а кај СПД да си остане се‘ по старо.
ЦСУ на мета го има шефот на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Томас Оперман. Тој минатата недела јавно објави дека во октомври лани, тогашниот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих, на маргините на коалиционите преговори, го информирал лидерот на СПД, Зигмар Габриел, за поврзувањето на името на Едати во врска со меѓународна истрага. Обвинителството сега води истрага поради сомневање за оддавање службена тајна. Фридрих, кој во меѓувреме беше министер за земјоделство, поднесе оставка.
Германската канцеларка Ангела Меркел оставката на Фридрих ја смета за правилна. Според неа, со тоа Фридрих ја презел политичката одговорност поради можното губење на доверба од страна на граѓаните во правната држава. Став, кој за многумина во ЦСУ е неприфатлив. За нив Оперман е виновникот за оставката на Фридрих, кој во време кога се водеа преговори за члените места во владата, на кои можеше да се најде Едати, со ссвоето укажување ѝ направил услуга на СПД. ЦСУ смета дека не може да има повеќе доверба во Оперман.
Оперман демонстрира самодоверба
Но, Томас Оперман не сака да потклекне под притисокот, не покажува ни еден гест на жалење. Наместо тоа, шефот на пратеничката група на СПД по една нејзина седница изјави дека тој, заедно со претседателот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Фолкер Каудер, е „столб на стабилност“ на коалицијата, која би морала што поскоро да се врати кон својата суштинска работа. Тој е уверен дека коалицијата ќе успее да ја надмине сегашната тешка ситуација.
„Јас како шеф на пратеничката група на СПД сакам и ќе придонесам за повторно воспоставување на довербата“, рече Оперман.
Тој денеска во врска со аферата Едати треба да одговара пред Комисијата за внатрешни работи на Бундестагот и е подготвен да даде придонес во расветлувањето, порача Оперман. Парламентарците за цел имаат да дознаат дали и на каков начин биле пренесени информации за тековната истрага против Едати. Дали е случајност што кај поранешниот пратеник на СПД е најден малку доказен материјал и што тој минатата недела својот службен лаптоп компјутер го пријавил за украден?
Како сведоци пред Комисијата се поканети и шефот на сПД, Зигмар Габриел, министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, министерот за внатрешни работи Томас де Мезие и шефот на Криминалистичката полиција Јирген Цирке. По Комисијата, со темата попладне ќе се зафати и Бундестагот.