1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел ја охрабри Србија на натамошни реформи

ЖА/дпа11 јуни 2014

Србија планира влез во ЕУ најдоцна до 2020. година. Српскиот премиер Александар Вучиќ притоа најмногу се надева на Германија. Но, канцеларката Ангела Меркел сака претходно да види реформи.

https://p.dw.com/p/1CGe5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската канцеларка Ангела Меркел на Србија и‘ вети германска поддршка во напорите за влез во ЕУ. По средбата со новиот српски премиер Александар Вучиќ во Берлин, Меркел зборуваше за „значајните напредоци“ кои земјата ги направи во нормализирањето на односите со Косово, истакнувајќи ја важноста од ефикасни закони за борба против корупцијата.

По долги натегања, на почетокот на оваа година започнаа преговорите за пристап на Србија во ЕУ. Белград се надева на влез до 2020 година. Меѓу најспорните прашања се вбројува односот меѓу Србија и Косово.

Вучиќ по средбата со канцеларката Меркел изјави:

„Ние ќе направиме се‘ за да бидеме партнер од доверба. Ние сакаме да бидеме дел од Европа“. Но, Вучиќ истакна дека нему му е јасно оти претстојат уште тешки задачи и обврски.

Српскиот премиер ја отфрли меѓународната критика за вршење влијание врз српските медиуми. Вучиќ рече дека негова цел е целосна приватизација на сите медиуми, што ќе донесе целосна слобода на медиумите.

Германија ја покани Србија заедно со другите држави од Западен Балкан на конференција на 28 август во Берлин. Меркел најави дека вакви средби во иднина ќе се одржуваат еднаш годишно. За во 2015. година веќе е планирана следната конференција во Виена.