Меркел ја обедини ЦДУ
15 декември 2015Претседателката на ЦДУ ги потсети присутните на нејзиното мото „Ќе успееме“, кое го кажа на почетокот на летото и кое привлече многу критики. И го повтори. Таа ја спореди интеграцијата на бегалците со големите предизвици како обновата на Германија по Втората светска војна и развојот на Источна Германија по падот на Берлинскиот ѕид: проекти кои не можеа да бидат завршени од една генерација, но кои се покажаа како успешни приказни. Притоа таа се повика и на генетскиот код на нејзината партија, нешто што ретко досега го правела. Ги потсети присутните на буквата Ц (ЦДУ- Христијанско демократска унија), на христијанскиот однос во приемот на бегалците.
Сепак, нејзиниот говор донесе и големи корекции во однос на претходниот курс. Таа претстави идеи за кои допрва треба да преговара со коалициските партнери од СПД кои се однесуваат на вториот законски пакет за азилантите: подолго задржување во приемните центри, повеќе депортации, повеќе непарични бенефити. И додека ја потенцираше отвореноста на нејзината партија, Меркел ја повтори и чудната реченица која ја изговори на конгресот на сестринската ЦСУ во Минхен: Можете да ги депортирате луѓето и со пријателски израз на лицето. Таа тоа и го мисли.
Меркел како охрабрувач
Сите оние кои дојдоа до микрофонот по неа, и‘ се заблагодарија, ја пофалија или изразија почит за Меркел. Немаше ниту говор за некаков бунт. Во пресрет на конгресот, незадоволството во ЦДУ не беше измислено од медиумите. Критичарите на Меркел од партискиот центар сѐ се уште околу неа, но покажаа почит за Меркел.
Во секој случај тоа беше добар говор, европски во секоја реченица. Меркел го цени мислењето на нејзината партија и се обиде да им се обрати и на разочараните членови. Во нејзиниот политички стил кој досега беше опишуван како „чекај да видиме“, се случи пресврт и сега се презентираше како охрабрувач, како некој кој може да објасни што е можно.
Во истовреме, и партијата е свесна за вредноста на Меркел. Меркел и ЦДУ се доближија уште повеќе по конгресот во Карлсруе. И, следејќи го примерот на нивниот лидер, целата партија ја поврзува својата судбина со отвореноста кон бегалците и заложбата за интеграција. Тоа не е така лошо.