1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел си го најде својот противник - Путин

Фолкер Вагенер / Превод: Симе Недевски29 ноември 2014

Во Германија владее неоспорено, во светот е почитувана. Меркел успева во она што го прави, а сега го пронајде и својот противник. Одмерувањето на силите со Путин ќе трае долго, смета Фолкер Вагенер во својот коментар.

https://p.dw.com/p/1DwyC
Фотографија: AFP/Getty Images/S. Loeb

Меркел може така, но и поинаку. На внатрешнополитичката сцена таа ја води нејзината партија и владата, така да се каже, одзади. Таа долго се држи настрана од спорните теми, за на крајот да настапи во јавноста како гласноговорничка на мнозинското мислење. Тоа не го сметаат сите за добро постапување. На широкото поле на надворешната политика се презентира доминантно. Таа Европа ја принуди на финансиска дисциплина, а германско-францускиот мотор на ЕУ, во меѓувреме се претвори во берлинска локомотива со париски вагони. Таа им доставува оружје на Курдите за борбата против Исламската држава и со тоа крши едно германско повоено табу. А сега му покажува заби и на Путин. Политика на јачина.

Најмоќната жена против најмоќниот маж

Форбс, американскиот економски магазин, веќе по четврти пат по ред ја прогласува Меркел за највлијателна политичарка. А и во машката категорија напред се наоѓа победникот од минаттата година: Владимир Путин. Тие двајцата и пред украинската криза веќе имаа дистанциран однос, кој по анексијата на Крим од страна на Москва целосно се урниса. Меркел едноставно не може да го поднесе Путин како политички мачо. Од друга страна Германката изнудува респект кај Русинот.

Појдовната основа за дипломатската затегнатост е јасна: Русија создаде факти, го прекрши меѓународното право, вели Меркел. Сега ја казнува Москва со санкции. Последица: вредноста на рубљата паѓа. Истовремено тоне и цената на нафтата, Путин нема намера да го даде она што веќе го има. Меркел пак не допушта тој да успее во тоа. Во Бризбејн на Самитот на Г20, во фокусот беа Германката и Русинот. Се зборуваше дури и за самит Г2. Стратегијата на Меркел во однос на Русија е недвосмислена: заземање јасна позиција и многу разговори. Дури 35 пати од анексијата на Крим наваму таа вербално ги вкрсти копјата со Путин, односно тој со неа. Меркел во Русија е респектирана. Силните жени се добро прифатени во Москва, традиција која потекнува уште од советското време, кога „железната лејди“ Маргарет Тачер беше сметана за исклучок и почитувана за разлика од останатите политичари од „мекиот“ Запад.

Меркел, руски медиум кон Западот

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер Вагенер, уредник во Дојче ВелеФотографија: DW

Меркел може да си ја дозволи оваа нејзина комбинација од цврста критика и одржување разговор. На Русија ѝ се потребни канцеларката и Германците. Во Москва ги мразат САД и ја презираат ЕУ како институција. Германија, наспроти тоа, ужива респект. А Меркел е најважниот партнер за разговор на Русија во целиот западен свет. Таа ја одредува насоката на политиката на ЕУ кон Русија и со другите Москва воопшто не сака да се занимава.

И при спорот околу Договорот за асоцијација на ЕУ со Украина токму германската канцеларка го водеше главниот збор за Европа. Русија доби 12 месеци време за да ги предочи негативните последици од договорот за неа. Меркел исто така сака да овозможи и евентуална соработка меѓу Евроазиската унија и ЕУ. Меѓутоа без притоа да го тргне стапалото од кочницата со санкции.

Крим и окупираните источноукраински области поради тоа не му беа вратени на Киев, но сепак токму санкциите ја заштитуваат Украина од натамошни руски соблазнувања. Во секој случај таква е калкулацијата на Меркелината политика кон Русија. Зашто погледот веќе се врти кон Транснистрија, Абхазија, Јужна Осетија. Можеби политичките интереси во Европа во однос на Русија се разијдуваат, но сепак во Ангела Меркел ЕУ има решителна прагматичарка против Путин како политички екстремист. А таа зазема позиција за долг конфликт со Москва. Впрочем, на функцијата ќе биде уште добри двеипол години.