Меркел: Не бидува шпионирање меѓу пријатели
24 октомври 2013Германската канцеларка Ангела Меркел попладнево оцени дека довербата меѓу САД и нивните сојузници треба одново да се воспостави, откако беше откриено дека американските тајни служби ги следеле комуникациите на нејзиниот мобилен телефон.
Меркел соопшти дека на американскиот претседател Барак Обама во телефонски разговор му порачала дека „шпионирање меѓу пријатели не оди“. Таа рече дека меѓу сојузници мора да постои доверба и „таа доверба сега треба одново да се гради“.
Меркел понатаму вели дека нејзината загриженост не е поради загрозувањето на нејзината сопствена приватност, туку поради приватноста на германските граѓани.
По телефонскиот разговор на Меркел и Обама, Белата куќа соопшти дека американските служби „не ги следат и нема да ги следат комуникациите на германската канцеларка“, но надлежните одбија да одговорат дали тоа било правено во минатото.
Откако беше откриен скандалот министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле го свика на разговор американскиот амбасадор во Берлин.
Претседателот на парламентарната Комисија за контрола над работењето на тајните служби, Томас Оперман, свика вонредна седница на комисијата и изјави дека практиката на НСА за прислушување сосема излегла од контрола.
По седницата, Хартфрид Волф од редовите на Партијата на Слободните демократи изјави дека било договорено следната недела делегација од Германија да отпатува во САД, каде на лице место ќе ги испита информациите за прислушкувањето на канцеларката.