Меркел на мини балканска турнеја
21 август 2011Спроти посетата на германската канцеларка на Хрватска и Србија, германските медиуми повикувајќи се на владини извори во Берлин, укажуваат дека Меркел ќе го зголеми притисокот врз Белград да продолжи со искрен дијалог со Приштина.
Германскиот став е дека границите на Балканот се конечно дефинирани и оти територијалниот интегритет на Косово е неповредлив, став кој од порано и е познат на Србија, исто како и фактот дека Берлин негативно гледа на нагаѓањата, дека конфликтот меѓу Белград и Приштина би можел да се реши со припојување на северот на Косово кон Србија.
Јасни пораки за Белград
Весникот „Ханделсблат“ го пренесува неофицијално мислење од владини кругови во Берлин дека „процесот на пристапување на Србија во ЕУ ќе стане невозможен доколку Белград продолжи со таква реторика“.
И самата канцеларка во редовното неделно видео обраќање до нацијата ја најави својата балканска турнеја. И додека престојот во Хрватска ќе биде церемонијален и исполнет со пофалби за раководството во Загреб за добивањето датум за пристапување кон Унијата, во Белград Меркел носи јасна порака.
„Србија треба да го обнови дијалогот со Косово врз основа на принципите на правната држава“, изјави канцеларката.
Денес има нова напнатост меѓу Србија и Косово. Тоа е причината поради која една од моите задачи ќе биде да ја убедам Србија, дека треба да го обнови дијалогот со Косово, додаде Меркел.
„Не може да има европска перспектива за тој регион, ако не бидат исполнети сите услови и покрај белезите од минатото“, истакна Меркел, која со лидерите на Србија и Хрватска меѓу другото ќе ја разгледа и ситуацијата на Балканот.
Автор: СН/ АТ/ бета/ миа/ дпа
Редактор: Александра Трајковска