1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел на конгресот на ЦДУ: “Ние отсекогаш знаевме: идејата за мултикултурно општество не може да успее"

6 декември 2004
https://p.dw.com/p/Aczx
Ангела Меркел при вчерашната обиколка на салата во која денеска започна конгресот на ЦДУ
Ангела Меркел при вчерашната обиколка на салата во која денеска започна конгресот на ЦДУФотографија: AP

Ангела Меркел на почетокот на партискиот конгрес во Диселдорф ја повика својата Христијанско-демократската унија на заеднички напор за далекусежни промени во Германија. Својот програмски говор таа го поврза со поими како патриотизам, сигурност, ориентација, смелост и доверба.

Меркел и‘ префрли на сојузната влада за неуспех на сите фронтови.

“Каков е билансот по 6 години црвено-зелена коалиција? Сосем отрезнувачки: помал стопански пораст од сите други земји, при што мислам на сите други 24 земји на ЕУ...Сојузната влада го гори дрвото од кое нашите внуци и деца сакаа да ги градат своите куќи. Тоа значи дека таа ја уништува иднината на генерацијата што расте...Горката вистина по 6 години на црвено-зелените е дека Германија во моментов живее од супстанцата".

Во врска со положбата и интеграцијата на странците во Германија, Меркел оцени: “Ние отсекогаш знаевме: идејата за мултикултурно општество не може да успее. Таа е однапред осудена на пропаст. Мултикулти не е интеграција. Идеалот за таканаречена мултикултура заборава врз какви основи функционира општеството. Тој води во паралелен живот, а не во соживот”. Меркел истакна дека животот во Германија е под белегот на христијанско-еврејското наследство и просветителството и оти "од тој духовен фундамент се напојува нашата слободарска демократска водечка култура. Тоа е култура во која ние во Германија славиме законски христијански, а не муслимански празници. Ние сме против непријателство спрема странците и поттикнуваме интеграција" – рече Меркел.

Таа уште еднаш се искажа против членство на Турција во ЕУ, зашто тоа би ја преоптоварило ЕУ и луѓето во Германија.

По говорот што траеше нешто помалку од два часа, Ангела Меркел доби 8-минутен аплауз од околу 1000 делегати на партискиот конгрес.

Потпретседателот на партијата Јирген Ритгерс од конгресната говорница побара единство и јасен курс на партијата: “Ние сакаме на луѓето пред изборите да им кажеме што ќе правиме по нив. Јасно е дека луѓето овде во Северана Рајна Вестфалија веќе не сакаат црвено-зелена коалиција. Но, вистина е и дека по споровите во Унијата во изминатите недели и месеци луѓето веќе не се толку сигурни, колку пред летниот одмор, дали ние всушност умееме подобро. Тоа мораме да го промениме во наредните недели”.