Меркел им откажа на Хрватите поради генерал на Удба?
27 јуни 2013Во Загреб беше се' подготвено за големата прослава на која како највисок гостин беше најавена германската канцеларка Ангела Меркел. Но планот пропадна. Меркел ја откажа посетата, официјално поради презафатеност. За хрватските медиуми причината е јасна - тоа е одбивањето на Загреб да го екстрадира поранешнио генерал на југословенската тајна служба- Удба, а подоцна и основач на хрватската тајна служба Јосип Перковиќ.
Во Германија, Перковиќ е обвинет за убиството на југословенски дисидент во 1983 година. Германските власти издадоа и налог за негово апсење. Но хрватскиот парламент, на иницијатива на владејачката СПД, токму деновиве направи измени во законот со кој се оневозможува екстрадиција на хрватски државјани во странски земји за дела сторени пред 2002 година.
Шлаканица за владата
За хрватските медиуми откажувањето на Меркел е „шлаканица в лице“ за владата и премиерот Зоран Милановиќ. Опозицијата критикуваше во сличен тон:
„Си игравте со оган и се изгоревте. Но вистинскиот проблем е што ја посрамотивте Хрватска, ставајќи ги интересите на еден поединец пред државните интереси“, изјави поранешниот шеф на дипломатијата и пратеник на опозициската ХДЗ, Горан Јандроковиќ.
Но, од друга страна, токму ХДЗ, и нејзиниот лидер Фрањо Туѓман, беше партијата која го постави Перковиќ на чело на тајната служба и го штитеше во изминатите 20 години. Токму тоа е аргументот и на актуелниот премиер Милановиќ:
„Токму овој ’криминалец’ беше 20 години под заштита на црквата и на ХДЗ, додека вие молчевте и се правевте дека ништо не се случило, чекајќи да мине времето“.
Од германската влада во Берлин демантираат дека откажувањето на Меркел има врска со случајот Перковиќ. „Вистината е само дека на прославата в недела, германската влада ќе биде претставена од државниот секретар во МНР, господин Линк“, вели владиниот портпарол Штефен Зајберт.
Во секој случај, за Хрватска е ова голем удар, особено што Меркел се смета за една од најзаслужните за влезот на земјата во ЕУ, смета Игор Петернел од Хелсиншкиот комитет. „Политичката порака е многу остра. Ангела Меркел не доаѓа, а не го испраќа ниту министерот за надворешни работи. Доаѓа пониско рангиран дипломат. Пораката е јасна. Очигледно германската полиција очекуваше екстрадиција на Перковиќ, тие имаат меѓународна потерница, имаат правна основа за тоа, и нема така лесно да се откажат“, вели Петернел.