1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел го брани својот курс

ЖА/дпа/афп7 септември 2016

Во генералната дебата во Бундестагот, германската канцеларка порача - останува на својата бегалска политика. Истовремено, таа умирува: „Германија ќе остане Германија, со сѐ што ни е драго и вредно“.

https://p.dw.com/p/1Jx95
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Kappeler

Германската канцеларка Ангела Меркел планира да остане на курсот на својата бегалска политика, без оглед на растечката критика и од сопствените редови. Во генералната дебата во Бундестагот за буџетот за 2017 година, Меркел денеска (07.09.2016) ги истакна големите напредоци во совладувањето на бегалската криза: „Ситуацијата денес е многукратно подобра отколку пред една година.“

Истовремено, Меркел вети дека сериозно ќе ја сфати загриженоста на народот: „Право на луѓето е да бараат да направиме сѐ што е можно за осигурување на нивната безбедност. Германија ќе остане Германија, со сѐ што нам ни е драго и вредно“.

Меркел апелираше до пратениците во сојузниот парламент да задржат единственост наспроти деснопопулистичката партија Алтернатива за Германија, АфД.

Dietmar Bartsch Bundestag Rede Berlin
Дитмар БарчФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Опозицијата пак остро ја критикуваше црно-црвената владејачка коалиција. Шефот на пратеничката група на Левицата Дитмар Барч изјави дека владиниот сојуз на една година пред сојузните парламентарни избори е „де факто“ на крајот, ЦДУ, ЦСУ и СПД работат секоја само за своја сопствена сметка. Шефицата на пратеничката група на Зелените Катрин Геринг-Екарт исто така беше остра: „Ова е коалиција на хаосот“.

Kattrin Göring-Eckardt Die Grünen Bundestag
Катрин Геринг-ЕкартФотографија: picture-alliance/dpa/M.Kappeler

Во генералната дебата во Бундестагот, опозицијата традиционално ја зема „на заб“ владината политика. Со нетрпение се очекуваше и евентуално меѓусебна пресметка на партиите на власт. Но, острицата на изјавите на Томас Оперман од СПД и на Фолкер Каудер од ЦДУ беше насочена кон АфД, кон тоа да не се дозволи меѓусебните „фантомски“ дебати да одат во полза на АфД и да се намалуваат постигнатите успеси од заедничката работа во владата.

По дебаклот на покраинските избори во Мекленбург Предна Померанија на викендот, кога АфД стана втора политичка сила по СПД, а пред ЦДУ, се засилија повиците за корекција на бегалската политика на Меркел. Но, таа и натаму останува на спорниот постигнат договор на ЕУ со Турција, кој според нејзе, е од обостран интерес. „Откако е постигнат овој договор, речиси нема давеници во Егејското Море“, тврди Меркел, бранејќи се против обвинувањата за коленичење пред турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Ако во Турција се кршат човековите права, таа нема да премолчува, уверува Меркел.