Меркел ги подзапре надежите на Грузија за НАТО
2 јуни 2014Германската канцеларка Ангела Меркел не ја гледа поранешната советска република Грузија во догледно време како членка на НАТО, иако оваа земја прави напредок и учествува во повеќе мисии на НАТО и ЕУ, рече Меркел по денешните разговори во Берлин со нејзиниот грузиски колега Иракли Гарибашвили.
На престојниот самит на НАТО во септември во Велс ова прашање не е на дневен ред. Грузија, како и Украина, со години дава напори за влез во трансатлантскиот воен сојуз. И двете земји исто така сакаат приближување и кон Европската унија.
Германската канцеларка истовремно ги пофали и напорите на Грузија за исполнување на стандардите на ЕУ и укажа на престојното потпишување на Договорот за стаблизација и асоцијација со Грузија на 27. јуни.
Гарибашвили оцени дека Грузија била пример за сите земји, кои од една страна стануваат дел од Европа и истовремено имаат нормални и констурктивни односи со Русија. На владата во Киев и новиот претседател Петро Порошенко тој им советуваше колку што е можно поскоро да воспостават конструктивен дијалог со Русија.
Меркел на маргините на прославата на 70 годишнината од пристигнувањето на сојузничките сили во Нормандија, во петок можеби ќе може да разговара со рускиот претседател Владимир Путин. На оваа средба можеби ќе има шанси за кратка размена на ставовите, рече канцеларката.