1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: „Германија мора да преземе одговорност“

31 декември 2018

Во традиционалното новогодишно обраќање, германската канцеларка апелира за јакнење на чувството на заедништво во Германија и ги повикува граѓаните да придонесат за зачувување на ЕУ како проект на мир и благосостојба.

https://p.dw.com/p/3AoY8
Deutschland - Neujahrsansprache Bundeskanzlerin Angela Merkel ***ACHTUNG SPERRFRIST
Фотографија: picture-alliance/dpa/AFP/J. MacDougal

Од 2005 година Ангела Меркел има традиционално новогодишно обраќање во својство на германска канцеларка. Таа на почетокот на луѓето во Германија им се обраќа со „Драги сограѓанки и сограѓани“. Но сепак, нејзините зборови се слушаат и надвор од Германија. И кога Меркел во актуелното новогодишно обраќање говори за „многу тешка политичка година“ за нас, таа не мисли само на својата земја.

Канцеларката најнапред говори за шесте месеци натегања за составување влада по изборите во септември 2017 година. „Кога владата меѓу демохристијаните и социјалдемократите беше конечно формирана, во неа имаше кавги и се занимававме сами со себе“, истакна Меркел, не наведувајќи притоа конкретни примери.

За своето повлекување од врвот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и најавата дека по тековниот канцеларски мандат веќе нема да се занимава со политика, таа истакна дека тоа нема врско со тоа „колку незадоволителна беше изминатата година“. Ангела Меркел додава дека доволна причина за крај на кариерата е самиот факт дека веќе 13 години е на функцијата. „Го продолжуваме она што ни го оставија нашите претходници и ја обликуваме сегашноста за оние кои доаѓаат“, истакнува Меркел, додавајќи: „Демократијата живее од промени“.

CDU Bundesparteitag
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Судбински прашања: промена на климата, миграција, тероризам

Меркел во новогодишното обраќање изразува уверување дека предизвиците можат да се надминат, ако, како што вели, „се  држиме заедно и соработуваме со другите преку границите“. Таа ги споменува и самитот за климата, кој неодамна се одржа во полскиот град Катовице („судбоносно прашање за климатските промени“), управувањето со миграцијата и борбата против меѓународниот тероризам. „Во наш сопствен интерес е да сакаме да ги решиме овие прашања“, истакнува канцеларката, нагласувајќи дека Германија и Германците мора да преземат одговорност. 

Таа предупредува и дека „извесноста на меѓународната соработка“ е под притисок, повторно не наведувајќи примери. Но, никој не се сомнева, дека притоа мисли на трансатлантските односи, т.е. непресметливоста на американскиот претседател Доналд Трамп. Сепак, Меркел порачува:„ Во таква ситуација мора поцврсто да ги браниме нашите убедувања, да аргументираме, да се бориме“.

Belgien, EU-Gipfel - Bundeskanzlerin Angela Merkel
Фотографија: Getty Images/L. Marin

Апел за поддршка на проектот ЕУ

Ангела Меркел во обраќањето ја најавува и заложбата ЕУ да стане „посилна и поефикасна“ и порачува дека треба да се задржи тесно партнерство со Велика Британија и по нејзиното излегување од Унијата. Канцеларката притоа упатува повик до сонародниците на изборите за Европскиот парламент во мај наредната година да придонесат Европската унија да остане „проект на мирот, благосостојбата и сигурноста“.

Таа уште порача дека на домашен план нејзината влада работи на воспоставување на „рамноправни услови за живот“, така што „секој има добар пристап до образование, станбен простор и медицинска нега“. И покрај нарушената општествена клима за време на изминатата година, Меркел на крајот на нејзиното обраќање по повод новата 2019 година порачува: „Ако своите вредности и идеи ги спроведеме со убедување, ќе настане нешто ново и добро“.

Галерија која би можела да ве интересира: