Меркел: Брегзит не менува ништо за Западниот Балкан
4 јули 2016
Брегзит нема да ги влоши шансите на земјите од Западниот Балкан во намерата да станат полноправни членки на ЕУ. „Нивната перспектива не се менува“, потврди на прес-конференцијата во Париз германската канцеларка Ангела Меркел. Сите ветувања дадени на овие земји треба да бидат исполнети и по британското „не“.
За напредок во преговорите со ЕУ „далеку поважно е исполнувањето на условите“, вели Меркел.
Во тој поглед, беше речено на самитот, постојат големи разлики од земја до земја. Некои земји како Македонија стагнираат, а некои напредуваат со големи чекори.
Во тој поглед, за најголем успех на самитот се смета најавата од Хрватска дека ја прекинува блокадата на српските интеграции, па Белград ќе може да ги отвори поглавјата 23 и 24.
„Во заеднички интерес ќе ја градиме нашата иднина, сите детали се решени“, изјави хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ.
Квалитетот поважен од брзината
Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан во изјавата рече дека „квалитетот на преговори е поважен од брзината“. И тој потенцира дека регионот има конкретна ЕУ перспектива. Напредокот во преговорите најмногу ќе зависи од земјите од регионот и нивната подготвеност да го обезбедат владеењето на правото, да ја гарантираат слободата на медиумите, зајакнување на демократските процеси и човековите права.
Освен за европските интеграции на дневен ред на самитот беа и економската соработка, реализацијата на инфраструктурните проекти, борбата против тероризмот и миграциите. ЕУ во регионот сака да вложи 12 милијарди евра до 2020 година. Меѓу другото во модернизација на железничките мрежи и изградба на автопатишта.
Македонија на самитот беше претставена од премиерот Емил Димитриев, но не беше спомената во контекст на проектите кои ЕУ планира да ги финансира во регионот. Минатата недела претставници на ЕУ потврдија дека на земјата и се замрзнуваат средствата од ИПА фондовите, а во наредниот период се очекуваат и други санкции против власта.
Младите во фокусот
Во Париз особено во фокусот беа младите. Беше потпишан договор за втемелување на Регионална канлцеарија за млади со седиште во Тирана. По примерот на германско-француската канцеларија, и младите на Балканот на тој начин би требало подобро да се запознаат и да соработуваат.
„Канцеларијата за млади на Западниот Балкан е мировен проект со цел нивно поврзување и тоа во регион во кој до пред само неколку години владееја војни“, рече Меркел.
Следната конференција за Западниот Балкан ќе се одржи следната година во Италија.