1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел бара фер распределба на бегалците

Е.М. Фиданоска /дпа/епд/ртр25 август 2015

Германската канцеларка Ангела Меркел апелира до земјите членки на ЕУ за фер распределба на бегалците. Таа денеска е во посета на сиромашно предградие на Дуизбург, полно со странци.

https://p.dw.com/p/1GLIc
Фотографија: Reuters/I. Fassbender

„Три или четири земји од 28 не можат да го носат сиот товар (со бегалците, н.з.)“, изјави денеска во сиромашната дуизбуршка населба Марксло германската канцеларка Ангела Меркел. Со тоа таа уште еднаш го повтори ставот изнесен по средбата со францускиот претседател Франсоа Оланд, кога беше побарано и земјите членки на ЕУ да се усогласат околу заедничка листа на „сигурни земји на потекло“. Во спротивно не би било можно да им се помогне на оние на кои навистина им е неопходна помош, рече Меркел во Марксло.

Германската канцеларка оцени дека засиленото доселување на Бугари и Романци е тест на издржливост за сиромашните квартови како што е Марксло. Во Романија и Бугарија „нема граѓанска војна“, па затоа и не може да се испрати порака дека „секој смее да дојде“. Тоа „не е изводливо“, потенцираше Меркел, која во Марксло водеше дијалог со граѓаните под мотото „Да се живее добро во Германија“. На дијалогот, кој инаку е на иницијатива на владата во Берлин, учествуваа претставници на црквите, џамиите, локалното стопанство, како и претставници на социјални и образовни установи и граѓани волонтери кои се ангажираат во различни проекти.

Марксло е една од најсиромашните населби во Германија, со натпросечно висока стапка на криминал. Во квартот живеат 19.000 луѓе, а невработеноста изнесува 16%. Околу 64% од жителите на Марксло имаат странски корени.

Deutschland Angela Merkel Bürgerdialog in Duisburg
На средба со граѓаните - Меркел во МаркслоФотографија: Reuters/I. Fassbender

Закани за социјалдемократите, евакуирана партиската централа

По Марксло, канцеларката Меркел треба да го посети и сместувалиштето за азиланти во Хајденау, каде пред неколку дена имаше расистички безредија предизвикани од десни екстремисти. Канцеларката утре таму ќе разговара со бегалци, хуманитарци и претставници на безбедносните сили. Вчера во Хајденау беше вицеканцеларот Зигмар Габриел, кој побара решително дејствување од страна на политиката и општеството. „На овие типови (десните екстремисти, н.з.) не смее да им се остави ниту милиметар простор“, изјави лидерот на социјалдемократите. „Тоа се луѓе кои немаат ништо заедничко со Германија“, изјави Габриел и додаде дека на безредија предизвикани од омраза кон странци има „само еден одговор - полиција, обвинителство и по можност за секого кого ќе го фатиме и затвор“. По посетата на Габриел и ваквите негови изјави во Хајденау, во централата на СПД во Берлин почнаа да стигнуваат стотици расистички имејл пораки и телефонски пораки со закани. Попладнево дури почна и евакуација на луѓето во партиската централа, откако стигна закана со бомба. Од СПД велат дека тоа нема ништо да промени во партиските ставови околу десните екстремисти и насилството врз бегалците.

Градоначалникот на Хајденау Јирген Опиц вчера оцени дека посетите од страна на политичарите за него не се „туризам“, туку важна помош во борбата против оние кои сакаат да предизвикаат „хаос“. Тој изрази надеж дека и канцеларката Ангела Меркел ќе дојде во Хајденау.

Во насилничките расистички безредија во Хајденау беа повредени околу 30 полицајци. Од неделата е воведена посебна зона околу сместувалиштето за бегалци во која се вршат контроли. Полицијата може без повод да бара лични документи за идентификација и да врши претрес на лица за да се утврди дали носат оружје или запалливи материи. Меркел деновиве беше конфронтирана со обвинувања дека предолго молчи околу инцидентите. Преку својот портпарол Штефен Зајберт таа вчера порача: „Одвратно е како десните екстремисти и неонацисти се обидуваат да ја шират својата подмолна порака на омраза околу еден бегалски објект и засрамувачки е како граѓани, па дури и семејства со деца, му даваат поддршка на сето ова со тоа што излегуваат на вакви протести.“

Претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт денеска изјави дека насилничките безредија околу сместувалиштата за бегалци се „срам“ за земјата. Сепак, во Германија има и голема подготвеност да им се помогне на бегалците, нагласува Ламерт.