1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Третиот избор на Доналд Трамп

СН/ агенции
21 февруари 2017

Беше неуспех за Трамп кога Мајкл Флин мораше да даде оставка од советничкото место за национална безбедност. Кога откажа и следниот кандидат, неуспехот беше перфектен. Дали сето тоа сега ќе го исправи еден генерал?

https://p.dw.com/p/2Xx6O
Us-Präsident Trump ernennt Generalleutnant H.R. McMaster zum Nationalen Sicherheitsberater
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Претседателот на САД Доналд Трамп го назначи генерал-полковникот Херберт Рејмонд МекМастер за нов советник за национална безбедност. Во неговата резиденција во Флорида, Трамп објави дека МекМастер има „огромен талент и енормно искуство“. 54-годишниот генерал е специјалист за борба против бунтовници и меѓу другото беше стациониран во Ирак и во Авганистан.

Самиот МекМастер рече дека едвај чека да му се приклучи на тимот за национална безбедност. Тој уште истакна дека ќе стори сѐ што е во негова моќ „ за да ги застапува и заштитува интересите на американскиот народ“.

Во изминатите години високо одликуваниот офицер постојано беше наведуван како можен кандидат за функцијата на советник за национална безбедност. Во 2014 година МекМастер беше вклучен во листата на 100 највлијателни личности во светот на магазинот Тајм. Тој стана познат и како автор на книгата со стручна анализа на политичките грешки во поглед на поразот на САД во Виетнамската војна

USA Michael Flynn in Washington
Мајкл ФлинФотографија: Reuters/Y. Gripas

Врските на Флин со Москва

Првиот избор на Трамп за советник за национална безбедност Мајкл Флин мораше да ја напушти функцијата, зашто со рускиот амбасадор во Вашингтон говорел за санкциите против Москва и за тоа подоцна дал лажна изјава и тоа меѓу другото и пред сегашниот американски потпретседател Мајк Пенс.

Откако Флин поднесе оставка, изборот падна на Роберт Харвард. Вице-адмиралот меѓутоа ја одби понудата на Трамп. Официјално се вели дека Харвард откажал поради приватни причини. Повеќе американски медиуми, меѓутоа, претпоставуваат дека откажувањето се должело на невообичаено големото влијание на Белата куќа врз работата на советникот за национална безбедност.