1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиумски извештаи: Мула Омар е мртов

Сандра Петерсман/ Ж.А.29 јули 2015

Мула Омар се сметаше за речиси невидлив човек и повеќепати веќе беше прогласуван за мртов. Авганистански владини претставници сега тврдат дека тој починал уште пред две години, но официјална потврда нема.

https://p.dw.com/p/1G6x9
Фотографија: picture alliance/CPA Media

Ако личности може да бидат причина, тогаш Осама бин Ладен и Мула Омар се оние кои се виновни за интервенцијата на Западот во Авганистан. Американскиот претседател Барак Обама така се изјасни при една посета на американската воена воздушна база во Баграм пред пет години.

„Осама бин Ладен овде, во Авганистан, можеше да си создаде сигурно прибежиште за својата терористичка организација. Ал Каеда го доведуваше своите нови регрути овде во Авганистан за да ги обучува за терористички напади. Ал Каеда одовде ги започна терористичките напади од 11 септември, во кои загинаа речиси 3 илјади луѓе,“ рече Обама.

Тоа беше почетокот на долгата авганистанска војна. Без сојуз со талибанскиот водач Мула Мохамед Омар, Осама бин Ладен не ќе можеше да го направи Авганистан за свој главен штаб. Мула Омар од 1996 до 2001 година беше на чело на исламски режим, непризнат од Германија и речиси сите други земји во светот. Кога почнаа американските воени воздушни напади во октомври 2001 година, многумина талибански и борци на Ал Каеда пребегаа преку границата во соседен Пакистан. Меѓу нив беа и Осама бин Ладен и Мула Омар, кој оттогаш стана речиси невидлив. Осама бин Ладен на 2 мај 2011 година беше убиен од американска специјална единица во пакистанскиот град и воен центар Аботабад.

Taliban Afghanistan Terrorismus Islamismus Flash-Galerie
Авганистански талибанциФотографија: picture alliance/dpa

Мула Омар, кој веројатно е роден во 1960 година, и по овој напад остана скриен, како земја да го голтнала. Многумина набљудувачи претпоставуваат дека се наоѓа во кругот на другите талибански водачи во граничниот град Квета. Шефот на авганистанската тајна служба минатиот декември ширеше гласини дека Мула Омар веројатно е во пакистанскиот пристанишен град Карачи. Во тоа време никој не се сомневаше дали е се‘уште жив.

Пред околу две недели, во своето обраќање по повод крајот на светиот месец Рамазан, авганистанскиот претседател Ашраф Гани се заблагодари лично на Мула Омар. Талибанскиот водач претходно во порака, потпишана со негово име, првпат сигнализираше согласност за водење мировни преговори. Всушност, моментално се водат официјални разговори меѓу претставници на авганистанското талибанско движење и авганистанската влада, со поддршка од Пакистан и Кина. Експертите претпоставуваат дека невидливиот водач Мула Омар за талибанските борци има значење првенствено како духовен лидер на еден самонаречен чист, изворен и вистински ислам. Во оперативните одлуки на бојно поле тој во минатите години речиси не беше ни инволвиран, уште повеќе што авганистанските талибанци не се воопшто хомогена група.

Движењето на верски ученици се состои од групи и борбени ќелии раководени од локални и регионални команданти. Во последно време во Движењето зачестено се појавуваа расцепи. Се претпоставува дека раководниот совет на Движењето се наоѓа во пакистанскиот град Квета, еден вид талибанска влада во сенка. Некои тамошни претставници претпочитаат мировни преговори, но има и тврдолинијаши кои инсистираат на натамошни борби со цел во Авганистан повторно да биде создадена фундаменталистичка верска држава. Талибанското движење во Авганистан доби конкурент во самонаречената Исламска држава. Меѓу двете групи веќе имаше и први судири. Речиси 14 години по соборувањето на режимот на Мула Омар, Авганистан е се‘уште далеку од мир.