1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мајко моја, Фолксваген!

Хенрик Беме/превод: Ж.А.5 ноември 2015

Нападите врз Фолксваген се се‘ почести. На светлина излегуваат нови неправилности. Но, потребно е многу повеќе од одлучни зборови од шефовско рамниште. Сега веќе би морало брзо се‘ да се стави на маса, смета Хенрик Беме

https://p.dw.com/p/1H0Z8
Фотографија: picture-alliance/dpa/Fredrik von Erichsen

Што уште се‘ ќе излезе на виделина? Секако, можеше да се претпостави дека по скандалот со издувни гасови кај најголемиот производител на автомобили во Европа ќе следат нови непријатности. И тоа одеднаш од сите страни. Од еднастрана од САД, каде службите за заштита на животната средина веруваат дека постојат нови неправилности. Од другастрана тука се барањата за ревизија внатре во самиот концерн, како и тоа што надворешни советници и адвокати на виделина изнесуваат се‘ побројни детали. Работата да биде уште полоша, американската Служба за надзор над сообраќајот ја зеде на нишан фабриката во Волфсбург, зашто Фолксваген не ги пренесол прописно податоците за бројот на сообраќајни незгоди.

Вистински луѓе?

Сето ова заедно е експлозивна мешавина. А тоа на новиот шеф, Матијас Милер, веќе му создава доволно маки за да се обиде преку вакви мински плиња да го поведе концернот кон подобри времиња. Притоа, не е сосем сигурно ни тоа дали личностите кои сега управуваат се без ореви во џебовите. Во ред, Милер претходно беше шеф на Порше и далеку од махинациите на измамниците од Фолксваген. Но, сепак доволно блиску за да може да се каже дека ама баш ништо не знаел? Исто како и Ханс Дитер Печ, сега задолжен за финансии, а со години порано оперираше во самиот центар на моќта. Тој е само од пред неколку недели на местото надзорник и со тоа главен човек задолжен за целосно разјаснување. И, што чувме од него последниве недели? Речиси ништо, а она што го зборуваше беше толку празно, како и неговата изјава во вторникот откако во јавноста излегоа новите неправилности. Оваа проблематика би требало да биде поттик за Надзорниот одбор да направи се‘ што може... бла, бла..,бла... Е, сега е навистина доста!

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Темпирана бомба

Или тие во Волфсбург уште не укапирале дека седат на темпирана бомба или пак им е јасно, но се обидуваат да ја спречат, како меѓу работниците, така и на берзата. Во секој случај, на берзата тоа не им успеа. Акциите на Фолксваген оваа недела драстично паднаа, крајот не се наѕира. Дали на одговорните во Волфсбург воопшто им е јасна висината на влогот? Сигурно е меѓутоа дека нивното изопачено постапување ќе се одрази врз целокупната германска индустрија. Зашто Фолксваген, покрај Сименс, е најважниот германски концерн. Но, какво мора да биде мочуриштето одвнатре, кога освен нови неправилности, од концернот не излезе ништо опипливо?

Направете нешто!

Кога јавноста ќе дознае нешто повеќе? Сопствениците на автомобили од Фолксваген и натаму се оставени во незнаење: каде и кога ќе можат да ги вратат возилата. Имаше само едно единствено извинување во тиражните германски весници во кое производителот на автомобили се извинува и моли за доверба. Но, оттогаш поминаа четири седмици. И тоа е се‘? Ако земеме во предвид дека ќе бидат потребни илјада различни варијанти на поправка на засегнатите возила, зошто тогаш молчење? Тоа всушност покажува повеќе, дека овој автомобилски гигант на патот кон светскиот врв ја загубил контролата. Добро е барем што новиот шеф за почеток го запре ова лудило. Но, тоа не е доволно. Сега мора навистина се‘ да изнесе на виделина и тоа што поскоро. Исто така, мора да се почне со повлекување на возилата и обештетување на купувачите, барем со првата транша. Мора да се даде барем некаков знак. Веројатно обработката на аферата со години ќе го преокупира концернот. Но, не треба да се дозволи неговите измамени муштерии да чекаат толку долго.