1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Матијас Плацек се повлекува од функцијата лидер на СПД

10 април 2006

Лидерот на Социјалдемократската партија во Германија, Матијас Плацек, поради здравствени причини ќе се повлече од функцијата. Негов заменик, најверојатно ќе биде премиерот на покраината Рајнланд Пфалц, Курт Бек.

https://p.dw.com/p/Ac7T
Матијас Плацек
Матијас ПлацекФотографија: AP

Веста стигна пред само час и половина, а во политички Берлин веќе врие. Матијас Плацек, човекот што беше носител на надеж во редовите на СПД се повлекува од функцијата партиски претседател поради здравствени проблеми. Попладнево во 13 часот, на прес- конференција во Берлин, шефот на фракцијата на СПД, Петер Штрук ќе говори за најновиот развој во редовите на социјалдемократите.

52 годишниот Плацек неодамна доживеа привремено губење на слухот и на крајот на март беше сместен во болница. Болничкиот третман заврши минатата среда. Губењето на слухот во медицината важи како типична последица на стрес и почесто се јавува кај политичари и менаџери. Матијас Плацек дојде на чело на СПД на почетокот на ноември. Тогаш рече:

“Подготвен сум, се радувам и ќе ја извршувам работата со цела сила.“

Плацек требаше да ја извади СПД од кризата во која партијата падна по ненадејната оставка на Франц Минтеферинг. Истовремено, тој остана и премиер на покраината Бранденбург. Човекот што никогаш не се туркаше за да добие функција, важеше како веројатен предизвикувач на Ангела Меркел на наредните парламентарни избори во Германија, во 2009 година.

Веројатен наследник на Плацек на функцијата лидер на СПД ќе биде Курт Бек – премиер на покраината Рајнланд Пфалц и досегашен заменик престедател на партијата. Бек е вице-партиски шеф од 2003-та година, а премиер на покраинската влада во Мајнц од 2004-та. Ужива големи симпатии во редовите на СПД. Добриот биланс на неговата работа и пред се блискоста до народот, на покраинските избори пред две недели на СПД во Рајнланд Пфалц донесоа апсолутно мнозинство во покраинскиот парламент. 57 годишниот Бек говори многу и смета дека комуникацијата е рецептот на успех на неговата политика.