1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Никој не сака да стане ’хот-спот‘“

З. Јордановски /велт/фцц/бц/тац22 јануари 2016

Македонија и земјите од балканската бегалска рута се бранат од можноста Австрија и Германија да ги затворат границите. Како да и’ се верува на Меркел? Германските весници пишуваат за „домино-ефект“ на Балканот.

https://p.dw.com/p/1HiSb
Фотографија: DW/D. Cupolo

„Ди Велт“ и „Берлинер Цајтунг“ објавуваат речиси идентичен текст од авторот Норберт Мапес-Нидик, во кој на самиот почеток се забележува дека „уште не беше ни донесено решение за горна граница за бегалци во Австрија, е веќе дојде прва реакција од Балканот. Македонија уште во вторникот вечерта го затвори преминот за бегалци од Грција. (...) Во четвртокот границата повторно беше отворена, исто толку неочекувано, како и кога беше затворена. Кога и да го промени својот граничен менаџмент некоја од северозападните (европски - н.з.) држави или и само навести промена, веднаш реагираат сите земји југоисточно од нив. „Не сакаме да станеме ’хот-спот‘“ постојано наново помеѓу Љубљана и Скопје се слушаат зборовите на словенечкиот премиер Миро Церар. Ако Австрија или Германија ги затворат границите, истото мораат да го сторат и Словенија, Хрватска, Србија и Македонија. Инаку балканските држави, сите помали од Австрија, би биле преоптоварени по само неколку денови“.

Понатаму во прилогот е споменато писмото што Церар, по средбата со Ангела Меркел, им го упати на колегите од ЕУ, дека сите држави на балканската патека носат „огромен товар“ и е потребна итна помош за Македонија, па се вели: „Ревносните интерпретатори во Белград и Загреб претпоставуваат дека зад бегалската политика се крие некој вид план: наводно Берлин и Виена се согласни Грција да се направи ’хот-спот‘ за бегалците, а да и’ се излезе во пресрет во должничката криза. Затворањето на границата во Македонија се вклопува во сликата. Но, владата во Скопје молчи, како и обично“. Авторот наведува дека објасненијата на македонската влада оти причина биле проблеми прво во Словенија, а потоа во Хрватска, се „покажале како измислени“, па вели: „Целата земја е под влијание на изборите планирани за април; решенијата сега се’ уште ги донесува силниот човек на земјата Никола Груевски, кој минатата недела формално се повлече од премиерската функција. Но, неговите односи со големите држави на ЕУ се толку напнати, што некој мастер-план за бегалската политика одвај да има некаква шанса“.

Во написот уште се напоменува дека „многу власти во земјите на Балканот - посебно во Македонија - се однесуваат одбивно“ спрема оние кои таму побарале азил. Прилогот завршува со констатацијата дека „за претпоставките оти затворањето на границите на Балкан може да води до затегнатост, дури и до војна, нема појдовни претпоставки“.

Од критика до копирање на унгарскиот пример

„На западната балканска патека паѓаат домината. Од Словенија, преку Хрватска и Србија до Македонија земјите се подготвуваат за крај на германската и австриската култура на добредојде (во однос на бегалците - н.з.)“, најавува „Франкфургер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) на почетокот на текстот за загриженоста на тие држави да не станат „приемни логори“ за бегалците. Горната граница од 37 500 бегалци за годинава, што ја утврди Австрија, според темпото на доаѓање на мигрантите ќе биде постигната веќе пред крајот на февруари, се вели во текстот. Во него е пренесена загриженоста на словенечките политичари дека е „загрозена егзистенцијата на Словенија“ (водачот на опозицијата Јанез Јанша), односно дека сега Словенија „мора да внимава да не стане приемен логор за мигранти. Заради тоа е нужно да се координираат сите држави долж балканската патека“ (Весна Жнидар, министер за внатрешни работи). „Досега земјите од Западен Балкан, посебно левоориентираните влади во Љубљана и Загреб, остро ја критикуваа Унгарија поради нејзината рестриктивна бегалска политика. Но сега се копира унгарскиот пример“, констатира ФАЦ во врска со поставувањето огради на границите „со НАТО-жица купена во Унгарија“.

„Сега ќе расте притисокот во Европа“

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во интервју за „ФАЦ“ вели дека решението на неговата земја да воведе горна граница за прием на бегалци не предизвикало директна промена на ситуацијата во Германија. „Но, решението предизвика одреден домино-ефект за западнобалканската патека. Македонија веќе најави дека има намера значително посилно да ги контролира границите. Словенија најави дека ќе биде поактивна. Сметам дека поединечните национални мерки, на кои сме принудени, дури можат да значат позитивен ефект во насока кон европско решение. Сега ќе расте притисокот во Европа за да се донесе заедничко решние“.

Објаснувајќи го овој став, Курц напоменува дека ситуацијата за „многу европски земји во изминатите месеци беше удобна, оти најголемиот дел немаа воопшто или имаа само малку бегалци. Многу земји беа засегнати само како транзитни. За Грција на пример, тоа беше удобно. (...) Се’ додека Грција бегалците за само неколку часа натамошно ги транспортира до македонската граница и тоа уште со европска поддршка, не треба да се чудиме дека нема многу интерес да се труди за заштита на надворешната граница на ЕУ.“

Курц во интервјуто вели и дека „не ќе биде можно сите бегалци, кои доаѓаат во Европа, едноставно да минат низ многу безбедни земји и да можат точно да изберат во која земја ќе поднесат барање за азил. (...) Со парите што се потребни за згрижување на бегалец во Шведска или Австрија, можат да бидат згрижени 20 лица во Турција и уште повеќе бегалци во други земји во регионот. Помош таму, на лице место, е значително поодржлив пристап“, вели Курц во разговорот за „ФАЦ“.

Griechenland Mazedonien Grenze Flüchtlinge
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

„Око за око, ограда за ограда“

„Политика на страв ја детерминира Европа од Север кон Југ. Веќе и само навестување на можно заострување на германската бегалска политика има потенцијал да предизвика политичка паника во земјите на балканската патека“, коментира „тац. ди тагесцајтунг“. „Доколку Австрија или Германија навистина би ги затвориле нивните граници, во најкратко време можат десетици илјади бегалци да се најдат во најтесен простор. Токму државите од поранешна Југославија се чини дека во огради од бодликав тел гледаат единствена гаранција за да не станат одненадеж крајна точка на бегалската поворка. Како тие земји да веруваат во европско решение или соработка со северните соседи?“, се прашува авторот Даниел Кречмар. Одбивањето на германскиот канцелар Ангела Меркел да постави горна граница „со малу фантазија може токму спротивно да се прочита“. Нејзиниот повик до бегалците да дојдат беше ненадеен. „Кој би сакал да уверува дека политички толку превртливата канцеларка нема преку ноќ повторно да ги затвори портите?“, отворено се сомнева „тац“.